strumica denes logo

Македонија лани меѓу првите 10 во светот со зголемен девизен прилив!

Автор:

Датум:

август 29, 2023

Автор:

Датум:

август 29, 2023

Последниве две години го рангираа македонскиот туристички сектор на многу високи места според Светската туристичка организација. Во 2019 година, со раст од повеќе од 25 проценти на бројот на ноќевања, земјава беше втора во Европа, во 2021 година, и покрај пандемијата, бевме петти во светот според растот на странски туристи, а во 2022 година – во првите 10 според девизниот прилив и туристичкиот промет во туристичката индустрија.

– Тековната 2023 година го покажа своето дијаметрално различно лице во туризмот, односно имаме пазари во кои бевме во минус и сè уште сме во минус поради субјективни и објективни причини и пазари кои дадоа дополнителен скок и веќе се надминати резултатите од 2019 година. Сега, по многу нешта, 2019 година веќе не е референтна во туристичката индустрија, бидејќи туристичките текови и случувањата во туризмот веќе ги надминуваат очекувањата на најоптимистичките стручњаци и експерти на ова поле – порачува директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски, за МИА.

АППТ, според стратешкото планирање за годинава, очекува да има девизен прилив од туризмот во износ од 530 милиони долари.

– Со првиот квартал од годинава во споредба со 2019 година, имаме раст од 41 процент, а во споредба со 2022 година, која е рекордна во македонскиот туристички сектор по туристичкиот промет од 481 милион долари, веќе во првиот квартал од 2023 година има промет од 94 милиони долари или 19 проценти повеќе отколку во истиот период лани. Според состојбите на терен и соработката со туристичките работници, коморите, советот на Агенцијата за туризам, плановите и исполнетоста на капацитетите од над 90 до 95 проценти во нашите туристички места, сигурен сум дека ќе имаат подем и поголем развој двата најголеми туристички региона – Охридскиот и Скопскиот Регион како туристички и бизнис-центри во текот на 12 месеци – вели Јаневски.

Поголем престој на странски туристи сè повеќе и повеќе, како што кажа, може да се види и во останатите региони во земјава.

– Зголемен интерес кај домашните и кај странските туристи има и за руралниот туризам, еногастро концептот, екотуризмот, авантуристичките форми на туристичката понуда, па може во 2023 година да се пофалиме за успесите на Крушево, Охрид, Струга, Дојран, Битола, односно градови што сè повеќе се фокусираат на туризмот. Многу брзо, според мене, туризмот ќе биде над 5 проценти во домашниот БДП, зашто во овој момент туристичко-угостителската индустрија во Македонија во текот на целата година вработува повеќе од 35.000 луѓе, што претставува 5 проценти од вкупниот број вработени. Според Светската туристичка организација и светските текови, многу брзо очекувам земјава да надмине над 5, 6, па и 7 проценти во БДП од туризмот. Тоа може да се оствари само со континуирана работа на сите чинители во туристичката индустрија, но и со многу, многу посериозен пристап од централната и од локалната власт кога е туризмот во прашање – истакна Јаневски.

АППТ, како што најави Јаневски, годинава започнала со ребрендирање на дестинацијата. Тој најави дека следната 2024 година ќе биде запаметена по неколку проекти, кои, како што вели, ќе дадат траен печат во туризмот и ќе овозможат развој на руралниот туризам, еногастро концептот, сè поголема вклученост на АППТ во меѓуграничните проекти, национална туристичка кампања насекаде во светот и остварување на 3,5 и 3,7 милиони ноќевања во 2024 и во 2025 година.