strumica denes logo

Повеќето луѓе во Македонија користат интернет 3 до 5 часа дневно!

Автор:

Датум:

август 25, 2023

Автор:

Датум:

август 25, 2023

Пристап до интернет во домаќинствата имаат 98,6 проценти од анкетираните во Испитувањето на јавното мислење на резиденцијалните корисници во однос на пазарот на електронски комуникации во државава, што го спроведе Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) во периодот од 26 јуни до 18 јули годинава.

Според технологијата за пристап до интернет во домот, оптички интернет користат 33,6 проценти, кабелски 31,5 проценти, ADSL\VDSL (21,8 проценти), 3G/4G (10 проценти), интернет преку USB 0,3 проценти, а безжичен интернет (WiMax, Canopy, WiFi), 0,2 проценти.

На прашањето дали вие лично користите интернет, потврден одговор дале 99,6 проценти од испитаниците.

Најголемиот дел, 37,9 проценти, рекле дека интернет користат три до пет часа, 18,2 проценти користат шест до осум часа, 14 проценти од девет до 12 часа, а 14,5 проценти повеќе од 12 часа.

Во однос на тоа каде најчесто користат интернет, 42,7 проценти одговориле „Дома“, 42 проценти „Секаде, бидејќи имам мобилен интернет“, 14,6 проценти „На работа“, а по 0,2 проценти од испитаниците дале одговори: на факултет, училиште, кај пријатели и во интернет кафе по 0,2 проценти.

Интернет провајдерот кој го користат во последната година го смениле 4,9 проценти од испитаниците.

На прашањето дали во последните 12 месеци конкуренцијата на пазарот довела до промена на квалитетот на интернет услугата, 47,2 проценти одговориле дека квалитетот на услугата останал ист, за 22,2 проценти од испитаниците квалитетот се зголемил, а за 12,9 проценти се намалил.

Сите испитаници во истражувањето се корисници на мобилна телефонија. Над 98 проценти од испитаниците имаат паметен (smart) телефон. Во изминатите години, може да се забележи тренд на зголемување кај бројот на испитаници кои користат службен мобилен телефон. Голем процент на испитаници користат мобилен интернет (92 проценти) на мобилен телефон во 2023 година, а од нив 76,8 проценти користат апликации за видео клипови и филмови. Скоро сите испитаници кои користат интернет преку мобилниот телефон, користат и апликации за комуникација, а меѓу најкористени се Viber, Facebook Messenger и Instagram. Две третини од корисниците на мобилна телефонија би го смениле својот оператор доколку истиот ја зголеми цената за 10 проценти. Во таа насока, доколку нов оператор се појави на пазарот, половина од испитаниците ќе станат негови корисници доколку им се понудат пониски цени за разговор.

Според клучните наоди од истражувањето, во изминатите пет години може да се забележи стагнација на користење на фиксна телефонија во домаќинствата. Најголем дел од корисниците на фиксна телефонија се постпејд корисници (93,3 проценти). Само 5,8 проценти од корисниците на фиксна телефонија го смениле својот оператор на фиксна телефонија во последните 12 месеци. Три четвртини од испитаниците кои не поседуваат фиксна телефонска линија изјавиле дека ја исклучиле фиксната телефонија кога започнале со користење на мобилни телефони. Дури 93 проценти од нив немаат намера во следните 12 месеци да станат корисници на оваа услуга во годината што претстои.