Неодамна од печат излезе делото Бранко Ѓоргиев „СПОМЕНИ ОД МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛ-РЕВОЛУЦИОНЕРНО И ОСЛОБОДИТЕЛНО ДВИЖЕЊЕ!“. Ѓоргиев е Виш кустос – историчар вработен во Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Струмица.
Со напредувањето и осовршувањето во музејска дејност има реализација на повеќе научни трудови и тоа: Зборник на трудови: Прилог кон библиографијата на манастирската црква Пресвета Богородица Милостива во с. Велјуса кај Струмица, Струмица, 2014, Зборник на трудови: Помалку познати револуционерни дејци од Струмица и Струмичко во времето од основањето на македонската револуционерна организација до почетокот на Балканските војни ( 1893-1912/13), Битола, 2015, Зборник на трудови: Тајната патна мрежа на Македонската револуционерна организација во Струмица и Струмичко, Битола, 2016, Музејски летопис ( по повод 65 години Завод и Музеј Струмица ): Оружје користено од Борците на Четвртата Македонска Ударна Бригада, Струмица, 2017, Каталог: Оружје и воена опрема од збирката на Завод и Музеј Струмица, 2017, Кратки биографии на револуционери од Струмица и Струмичко, CD, 2018, Зборник на трудови: Тајната полиција на Македонската Револуционерна Организација на почвата на Струмица и Струмичко, 2018, Битола, Учесник на втор научен симпозиум во чест на Св.15 Тивериополски свештеномаченици. Специјална тема на научниот собир: “Христофор Жефаровил и неговото време” во организација на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица, Учесник на летна школа за византиско и османлиско културно-историско наследство, Скопје 20.09.2020 – 01.10.2020 година.
Цел на оваа публикација е зачувување и презентација (во печатена форма) на усната историја поврзана со дејноста на Македонската Револуционерна Организација во Струмица и Струмичко. Во него се застапени усни кажувања на потомци од семејства коишто активно учествувале во македонското националослободително и револуционерно движење од крајот на XIX и почетокот на XX век. Во неа се застапени четириесетина искажувања за револуционери (Гоце Делчев, Стојан Ѓеоргиев, Доне Лазаров, Костадин Самарџиев, Коста Мазнејков, И. Ајдински, А. Нивички и многумина други) за настани (оружени судири со османлиската војска, дејствија за неутрализација на странските црковно-просветни пропаганди, провали, грабнувања за прибавување финансиски средства за купување оружје и сл.) организациската поставеност на МРО во Струмица и Струмичко (околиски комитет, месни комитети, тајна патна мрежа, известителна и курирска служба, тајна пошта и сл.).
Со печатењето на усните искажувања сакаме да ја искористеме, како историско сведоштво, колективната меморија на населението од Струмица и Струмичко. Познато е тоа дека т.н. усна историја од истражувачите се користи или служи за историска реконструкција на определени настани, појави и процеси секогаш кога недостасуваат пишани и други извори. Раскажувањето и усното пренесување на спомените спаѓаат во најстарите извори на сознанија за минатото, покрај материјалните и пишаните извори. Усните искажувања се прибавени по пат на долгогодишни теренски истражувања спроведени од страна на стручни лица (историчари-кустоси) при НУ “Завод и музеј”-Струмица. Истите се чуваат во архивата на историското одделение и досега не се биле интегрално објавени. Со реализацијата на овој проект на научната, културната и целокупната општествена јавност и приопштуваме богат изворен материјал/сведоштво за дејноста на Македонската Револуционерна Организиција на почвата на Струмица и Струмичко и пошироко во Македонија.
Во оваа публикација за прв пат е објавена и биографија на струмичкиот револуционер Атанас Нивички напишана од неговиот син Димитар Ат. Нивичански. Во неа се опишува делувањето на Нивичански во Револуционерната Организација на територијата на Струмица и Струмичко. Тој бил еден од поистакнатите регионални раководители на Струмичката револуционерна организација, иако делувал на локално ниво. Бил началник на пунктот на МРО во с. Нивичино, каде и продолжувал главниот канал на Организацијата од внатрешноста на Македонија. Без неговата логистичка поддршка, не можела да помине, ниедна чета, ниту курир, или пратка со оружје. Имал своја чета, со која ги пресретнувал и препраќал другите. Особено се истакнал во попречувањето на врховистичките навлегувања во Македонија. А. Нивички е роден 1855 година во планинското село Нивичино. Поседувал бунтовна природа и тешко ги поднесувал неправдите врз грбот на незаштитеното население. Често пати знаел да ги повикува селаните на непослушност кон османлиските бегови – зулумќари. Севкупната неговата активност придонела за негова популарност не само кај населението во Струмичко туку и кај најистакнатите раководители на Организацијата, меѓу кои и Гоце Делчев. Починал во 1946 година во Струмица.
Исто така во оваа публикација се претставени спомени на Атанас Џолев. Авторот на Спомените, Атанас Џолев по потекло од струмичко, е директен очевидец и учесник во трагичните настани од македонската историја меѓу 1922 и 1924 година поврзани со убиството на Тодор Александров. Спомените треба да се третираат како првостепен извор кој може да фрли светлина врз овие немели настани од македонското националреволуционерно и ослободително движење непосредно по завршувањето на Првата светска војна (1914-1918). Спомените ги изразуваат ставовите на македонскиот револуционер А. Џолев кон целите и задачите на македонското ослободително движење од позиција на негов припадник кој не припаѓал на раководните структури туку е гласник на обичниот припадник на Организацијата (ВМРО). Преку него всушност дознаваме за тоа кој е мотивот македонското население масовно да се вклучи во вооружена борба предводена од ВМРО а тоа било национално и социјално ослободување на македонскиот народ и др. националности кои живеат во Македонија.