Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва се обрати од партиското седиште во Скопје, порачувајќи дека неговата партија и коалицијата остварила голема победа по првиот круг на локалните избори, која ја нарече „огромна победа на народот на Македонија – на младите, старите, мажите, жените, христијаните, муслиманите, атеистите, лекарите, земјоделците, уметниците, професорите“.
Тој рече дека досега е извесно оти нивните кандидати победиле во повеќе од 20 општини уште по првиот круг, додека уште во 20-на општини имаат водство пред вториот круг од гласањето. Исто така, Мицкоски рече дека во повеќе од 50 општини во државата имаат освоено мнозинство во општинските совети.
„Ова е победа на тивкото мнозинство. Победи народот и покрај сите притисоци, уцени и закани, победи новата иднина“, рече Мицкоски, додавајќи дека денешниот резултат на партијата е „чекор до финалната победа“.
Мицкоски рече дека партијата уште во првиот круг освоила градоначалнички мандати во: Кавадарци, Бутел, Гази Баба, Виница, Петровец, Илинден, Штип, Карбинци, Свети Николе, Велес, Градско, Босилово, Неготино, Прилеп, Могила, Новаци и Јегуновце, а дека бројката на градоначалнички места освоени уште по првиот круг, веројатно ќе биде и поголема.
Македонски Брод имаме водство, СДСМ нема да биде во втор круг. Аеродром имаме огромна предност, очекуваме да се заврши во првиот круг. Кисела Вода имаме убедливо водство 2 спрема 1, очекуваме Орце во првиот круг да победи. Сопиште е завршена работата во првиот круг. Центар и Карпош ќе има втор круг. Дарко ја заврши работата во Бутел, го има новиот градоначалник. Чучер Сандево одиме во втор круг, Боби во Гази Баба ја заврши работата во првиот круг. Ѓорче Петров имаме убедливо водство, Александар може да помине во првиот круг. Пехчево одиме во втор круг како првопласирани, Македоница Каменица. Виница три спрема еден победивме. Кочани одиме во втор круг, таму се води борба. Зрновце завршивме во првиот круг. Зелениково одиме како првопласирани во вториот круг. Петровец три спрема еден, останува градоначалник Борче“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Вечерва ќе се радуваме, но нема да славиме. Утре на работа. Од утре на работа за народот. Не чекаат тешки предизвици во вториот круг. Ги повикувам сите, кои сакаат да се промени и не поддржуваат како и сите оние кои се разочарани од политиката, ајде да се обединиме. Време е да ги обединиме разликите да покажеме слога и заедништво во намерите да се направи подобро“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека на овие избори ќе имаат разлика од 50.000 гласа во споредба со СДСМ, како и дека „новото парламентарно мнозинство може многу брзо да се формира, уште денеска“.