Александар Брзаковски е 30-годишно енергично момче, со исклучително позитивна природа. При запознавањето се уверивме дека добивката е во вистински раце, а воедно средбата и разговорот со младиот добитник, кому оваа игра на среќа ќе му помогне да си го смени животот на подобро, ни дава дополнителен елан да создаваме можности за нови среќни приказни, под слоганот ЗА ДОБРО!
Блиските и пријателите на нашиот среќен добитник, велат дека среќата тропнала на вистинската врата, радосни што токму Александар кој тие го знаат како вредно, културно, скромно момче кое со работа во струмичка месарница, сам го пробива патот низ животот, што до сега не бил милозлив кон него.
Александар верувал во своите среќни броеви и пет години по ред уплаќал во секое коло од играта на среќа Лото, точно по пет комбинации. Вели дека внимателно ги следел извлекувањата и правел комбинации од броеви по своја интуиција. Досега не остварил поголема добивка, но не пропуштил ниту едно коло без да уплати. Како што вели, чувствувал дека еден ден ќе ја добие премијата и не треба да се откажува. Уплатата за 30тото коло ја извршил во среќното место Ваткос, на плоштадот во Струмица. Ливчето го пополнил „за две минути” на денот на извлекувањето.
Вечерта, не го следел извлекувањето, но no еден час ги проверил резултатите на веб-страницата и фејсбук-страницата на Државна лотарија на Македонија. Кога ги видел првите четири бројки, почуствувал дека ова е негова 7-ка, но сепак не можел да поверува, ни кога ги видел сите седум. Не можел да верува ни наредните два дена, се до моментот на доаѓање во Државна лотарија на Македонија и потврда на добивката од 10.191.596,00 денари.
Извор: Убавина и здравје