strumica denes logo

МИТКО БОЈАЏИСКИ: ДА ГО УБИЕМЕ ИЛИ ДА ГО ОСАКАТИМЕ ВЕЉУШКИОТ ВЕТАР

Автор:

Датум:

март 30, 2018

Категории:

Култура

Автор:

Датум:

март 30, 2018

Категории:

Култура

ДА ГО УБИЕМЕ ИЛИ ДА ГО ОСАКАТИМЕ ВЕЉУШКИОТ ВЕТАР

Со години мислевме дека воздухот во Струмица е чист, нема индустрија, учениците и студентите ги викавме зимата да се враќаат од Скопје затоа што таму е загадено…

Струмица доби мерна станица. За жал, резултатите покажуваат дека сме еден од најзагадените градови а знаеме Македонија колку високо котира во светот во таа проблематика. Во текот на зимата, често пати имавме четири до пет пати па и повеќе, што е рангирано како многу високо загадување. А сето тоа во многу блага зима и да не заборавиме, без рудник кој ни го спремаат а кој драстично ќе ни ја влоши состојбата и тоа не само зимата.

Во меѓувреме се изродија многу прашања! Колкава е нашата еколошка култура? Колкаво количество загадувачки материјал влегува во нашите печки, намерно или не, од страна на поединци или правни лица? Дали е можна почиста алтернатива? Дали е алтернатива гасификацијата? Какви мерки треба да се преземат? И многу други прашања за кои, е излишно сега да се инсистира затоа што грејната сезона полека поминува па проблемот, нели, сам од себе ќе се реши. А традиционално, здравје, кога повторно ќе залади, тогаш ќе му ја мислиме и ќе стенкаме.

Но има две отворени прашања за кои треба да се проговори уште сега.

Прво, има обиди загрижувачките резултати што ги покажува мерната станица да се оправдаат или барем да се објаснат со близината на оџакот на медицинскиот центар. Така резултатите стануваат невалидни а Струмица не толку загадена. Тоа релативизирање не знам за кој е од корист но за нас граѓаните сигурно не е. Струмица важи за еден од најзагадените градови во Македонија и тоа црно на бело ни го покажува мерната станица како најрелевантен фактор. Патем, мислам дека многумина од вас ќе се согласите дека на градот му треба уште една мерна станица, отприлика кај средното техничко училиште.
А тоа што во строгиот центар на градот фигурира еден загадувач кој согорува голема количина на мазут дневно, е голема срамота и е за секаква осуда. Улогата на болницата е да лечи а не да разболува. Градот има доволно време до следната грејна сезона да го реши проблемот. Дали со гасификација, со ставање филтер на оџакот или ќе изнајде трето решение но тоа дефинитивно треба да се реши.

Второ! Би било добро градскиот архитект да излезе во медиумите и да ни ја објасни ситуацијата со ширењето на градот на местото на некогашната касарна. А неопходна е и поширока дебата на таа тема. Тоа е правецот кон Вељуса. Знаеме дека тој правец е важен фактор за проветрувањето на градот. Тоа се практично белите дробови на Струмица. Планот за урбанизирање е правен пред да се дознае дека градот има сериозен проблем но сега кога веќе ја откривме Америка, тој план треба да се смени.
Изградени се и веројатно ќе се градат уште згради кои можат дополнително да го оневозможат ветрот и да ја претворат Струмица во една дупка која ќе се гуши. Кога ќе се начичкаат сите тие згради, тоа ќе биде, ако веќе не е, траен проблем. А во зимските денови и најслабото ветерче е од голема корист. Знаеме дека Скопје со непланското градење, алармантно си го има заострено проблемот со загадувањето. Не би сакале да се доведеме во ситуација да си го уништуваме сите ние здравјето следните децении затоа што некој требало да си направи бизнис. Тоа е крајно сериозна тема, можеби најсериозниот сегмент од проблемот загадување на воздухот.

Можеби веќе следната зима ќе биде неповолна и проблемот ќе го почувствуваме во целата своја сериозност.
И убаво би било веќе еднаш да сфатиме дека секој од нас е должен да ги брани елементарните услови за живот на сите нас без разлика од каде доаѓа опасноста. Екологија е кога ќе го замолите комшијата да престане да става пластика во печката затоа што ги труе вашите деца, како и вашиот енергичен протест против некоја корпорација што ни го загрозува животот со цел да направи профит.

Митко Бојаџиски – Здрава котлина