Туристичкиот комплекс „Бела Вода“ – Рај на земјата

март 7, 2018

Сите ние постојано велиме дека Македонија е прекрасна, но голем број од нас, всушност, не ја виделе таа убавина со свои очи. Затоа треба да се искористи секој слободен момент и убавото време и да се организира незаборавна еднодневна екскурзија или еден викенд за нас и за нашите најблиски на место каде што не сме биле никогаш досега.

 На тој начин барем малку подобро ќе ја запознаеме Македонија и со сигурност ќе имаме убаво искуство кое долго ќе го паметиме.

Можеме да одбереме помеѓу водопадите, убавите манастири и цркви, културно-историските знаменитости и други убавини што ги нуди нашата земја.

13393431_10154124294341397_287237130_n

Планини, реки, снег, чист воздух и вкусна храна. Македонија изобилува со понуда за сечиј вкус за туристите во сите сезони. Освен етаблираните зимски центри, во последно време сè повеќе атрактивни се и досега недопрените предели и алтернативни дестинации кои се прекрасни и полни со убавини.

Таква е и месноста Бела Вода, скриена зад околните ритчиња од Малешевијата, богата со реки и чист воздух. Поминувајќи покрај популарната викенд-населба Суви Лаки, по само 5 километри возење кон Берово, се открива овој центар кој е уште една од многуте убави македонски дестинации.

Гостите, коишто често ја посетуваат оваа населба, велат дека државата има богата туристичка понуда, но потребна е поголема промоција и инвестиции.

13401296_10154124294321397_828739949_n

Оваа туристичка населба, Суви Лаки, која веќе личи на мало гратче, е на беровска територија, на 20-тина километри од Берово и на 30-тина километри од Струмица. Струмичани на шега велат дека им ја окупирале на беровци зашто преку лето овде  е за десет степени пониска температурата од Струмица, што претставува спас од горештините и е идеално место за одмор. Жителите на Берово велат дека немаат ништо против таа окупација и сметаат дека таа ќе придонесе за побрз развој на туризмот и во тој дел на Малешевијата.

Населбата Суви Лаки е долга 3,5 километри и зафаќа површина од 80 хектари.

Туристичката населба Суви Лаки, која е комплетно урбанизирана во 1978 година,  има 500 викендички, 2 детски одморалишта и предвидена е можност за градба на уште стотина викенд и комерцијални објекти.

Поради големата популарност на населбата, за потребите на туристите била изградена црквата „Св. Кирил и Методиј“.

13401363_10154124294351397_2068434461_n

Во месноста Бела Вода се изградени стотици викендички последнава деценија, во високата борова и букова шума на границата меѓу Малешевските Планини и Огражден.

За празниците таму е преполно, со мирис на скара и музика од сите страни. Во овој  комплекс со неколку викенд-куќи за изнајмување, туристите може да уживаат и во јавање на неколкуте мустанзи, кои се дел од понудата.

Од југоисточниот и источниот планински регион размислуваат заеднички да градат авантуристички парк со пешачки патеки на Огражден кај локалитетот Суви Лаки.

13413840_10154124294316397_766648292_n

Со изградбата на новиот комплекс во Бела Вода, сметаат од општината, Берово ќе биде уште поатрактивно и поинтересно за туристите. Берово е најдобрата воздушна бања во Македонија, па затоа бројот на домашни и странски туристи од година во година сè повеќе се зголемува.

Овој прекрасен дел од Македонија бележи рекордна посетеност за велигденските и првомајските празници, како и во летните месеци, кога температурите се пониски отколку каде било во Македонија.

Голем број домашни и странски туристи  ги исполнуваат сместувачките капацитети во Берово и во викендичките во туристичките населби покрај Беровското Езеро.

13393450_10154124294251397_845805403_n

Туристичкиот комплекс „Бела Вода“ е преубаво место за одмор и релаксација, а како што кажуваат и посетителите, ова е „рај на земјата“. Затоа не пропуштајте да го посетите еден од најубавите туристички комплекси со прекрасна недопрена природа, а воедно ќе бидете пречекани мошне љубезно.

13393357_10154124294326397_996011289_n

13382258_10154124294296397_583825868_n

ФОТО: КОСТА ЈОВАНОВ

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ