Новиот прволигаш Беласица од Струмица денеска преку соопштение ја откри причината за заминувањето на доскорешниот тренер Раде Цицмиловиќ, човекој кој беше најзаслужен што струмичката гордост од третата лига ја донесе до македонската елита.
Цицмиловиќ како што објавија струмичани, самоиницијативно поднел оставка од причина што нема тренерска ПРО-лиценца, која е услов за да биде кормилар во Првата македонска фудбалска лига.
„Човекот кој е еден од најзаслужните за влегувањето на Беласица од Трета лига во Втора лига и од Втора лига во Прва лига завчера си поднесе самоиницијативно оставка. Причината за оставката на Раде Цицмиловиќ е не поседувањето на ПРО-лиценца, која е неопходна за да остане на кормилото на ФК Беласица. Управниот одбор на ФК Беласица му заблагодарува за досегашните резултати и за напредокот во клубот кој го имаше во изминатите две години и му посакува многу успех и среќа во иднина“, објавија струмичани.
И Цицмиловиќ заминувањето го образложи со немањето на потребната лиценца за да остане да ги предводи струмичани во елитата, која стартува на 12 август.
„Голема благодарност до Беласица и претседателот Славчо Васков – Пинда, за укажаната доверба во изминативе две години во кои го направивме еден од најголемите успеси во последните 14 години. Јас лично си поднесов оставка поради немање на УЕФА ПРО-лиценца, која е задолжителна за водење на екипата во Прва лига. Благодарност до претседателот кој ми понуди друга функција за да останам во клубот, но ќе ми треба малку одмор, па ќе донесам конечна одлука во иднина. Беласица ќе остане засекогаш во моето срце, и од се срце ќе давам поддршка на секој натпревар, изјавил Цицмиловиќ.