ИНТЕРВЈУ СО ФИЛИП МИЦЕВСКИ-ОДГОВОРНО ЛИЦЕ ВО „ЗДРАВЕЦ“ : СТРУМИЧАНИ, ВИ БЛАГОДАРИМЕ ЗА ОГРОМНАТА ДОВЕРБА!

декември 23, 2019

 

На наше огромно задоволство, интервју со Филип Мицевски, еден од одговорните лице на „ЗДРАВЕЦ МАРКЕТИ“.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Од каде Идејата да се создаде еден ваков бренд во Струмица?

ФИЛИП МИЦЕВСКИ: Идејата за брендот, воопшто не беше идеја за содавање бренд. Тргна од таму да почнеме со производство на органски зеленчук и овошје, како и одгледување живина за сопствени потреби. Кога вишокот од производи не сакавме да го фрламе, како на шала беше предложено да го пуштиме во продажба.

Така се дојде до идејата за првиот маркет…Се впуштивме во нешто што за нас беше непознато. Но со тек на времето се покажа интересно! Сета таа комуникација и соработка со многу луѓе, дружењето и најважно принципот на работа им се допадна на струмичани. Оваа работа има една голема предност, луѓето кај нас доаѓаат најчесто во среќни моменти.

Пазарувањето намирници за семејната трпеза е света работа. Младите семејства тоа го прават заедно со сите членови на семејството. Особено за празниците и покрај зголемената побарувачка, односно поголемиот обем на обврските, задоволство е да се гледа и да се ужива едноставно во таа глетка.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Зошто токму името „ЗДРАВЕЦ“?

ФИЛИП МИЦЕВСКИ: Па нели здравецот цути токму на Велигден? Нашиот прв супермаркет беше отворен токму на Велигден. Тргнувајќи од таму дека првичната идеја беше производството на органски производи, имаше ли попогодно име од „ЗДРАВЕЦ“? Мислам дека „ЗДРАВЕЦ“ е синоним за нешто едноставно, природно, автентично…

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Колку маркети и на кои локации во моментот функционира „ЗДРАВЕЦ“ во Струмица?

ФИЛИП МИЦЕВСКИ: Во моментот не има на три локации во градот и за нас и нашиот начин на работа, сметаме дека тоа е оптимална бројка.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Сигурно зад таков успешен бренд стојат и вредни работници. Колку вработени има „ЗДРАВЕЦ“?

ФИЛИП МИЦЕВСКИ: Видете, вработените стојат пред брендот. Како што на самиот почеток спомнав, за нас таа работа беше непозната. Само со искрениот пристап трудот, домакинското работење и пожртвуваноста за подобрување од страна на вработените, „ЗДРАВЕЦ“ оди напред! Тоа не го велам за да оставам добар впечаток за себе, туку навистина е така. Кој купува кај нас, тоа добро го знае. Има тука и непријатни моменти, знаете дека луѓето се иселуваат масовоно од Македонија и кога некој не напушта, мислам дека ни е тешко и на двете страни.

Морам да споменам нешто што често го коментираме…Мислам дека во Струмица сме една од ретките фирми кои можат да се пофалат од вработените. Толку вредни луѓе на едно место, има само во „ЗДРАВЕЦ“. Не има од сите сорти и видови, зајадливи, мрзеливи, оние кои често доцнат, тие што зборуваат повеќе одколку што треба, некои па ептен малку зборуваат…Но сите се луѓе со голема душа. Тоа е заедничкото! Такви ги имаме околу 120-130 вкупно!

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Има гласини дека „ЗДРАВЕЦ“ планира својот ланец да го прошири и пошироко. Нешто повеќе околу тоа?

ФИЛИП МИЦЕВСКИ: Не сакам да коментирам многу околу таа тема, бидеjќи навистина имаме големи планови и проекти за во блиска иднина. Но, знаејќи дека секогаш работите течат во предвидениот план, би сакал прво да оствариме па подоцна да коментираме.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Што во моментот е најново во „ЗДРАВЕЦ“?

ФИЛИП МИЦЕВСКИ: Видете, во „ЗДРАВЕЦ“ секогаш има нешто ново. Не секогаш новото е и подобро, но ние постојано работиме на промени, акции и сл. Еве, сега најново годинава одлучивме на нашите купувачи да им направиме еден посебен новогодишен подарок. Имено, веќе подолго време сме сериозно ангажирани околу организирањето на нашиот новогодишен хепенинг кој ќе се оддржи на 30 декември во „ЗДРАВЕЦ 2“ односно маркетот до големата пошта.

Тоа е осумчасовна забава во која учество ќе земат многу познати уметнички имиња. Нашите купувачи ќе можат да уживаат во тој настан, да вкусат топли пијалоци и нормално најмалите ќе се дружат со Дедо Мраз. Тоа е наш начин да им се заблагодариме на струмичани за довербата што ни ја даваат секојдневно.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Имате ли одприлика некоја бројка колку луѓе ги посетуваат маркетите на „ЗДРАВЕЦ“ месечно?

ФИЛИП МИЦЕВСКИ: Одприлика, тоа е бројка што во деновите преку неделата се движи од 2.700 до 3.000 купувачи дневно, а преку викенд се зголемува за 300 до 500. На месечно ниво, тоа секако е многу голема посетеност.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Како за крај, што би им препорачале на струмичани?

ФИЛИП МИЦЕВСКИ: На нашите струмичани би им препорачал да бидат малку потрпеливи со нашите вработени, бидејќи клиентот е во право, само ако навистина е во право.

Би сакал до нив да стигне нашата искрена почит за довербата што ни ја даваат, да ги гледаме здрави и расположени и да ги поминат овие најубави празнични денови во семеен мир.

Мојата последна порака до нив е: Не купувајте се’ што ќе видите. Не купувајте глупости. Купувајте само она што навистина ви треба. Но, купете го во „ЗДРАВЕЦ“.

 

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ