(ИНТЕРВЈУ) ДAЈАНЧО ЕФТИМОВ: БЕЗ НАРОДОТ НЕМА ВЛАСТ НИТУ ОПОЗИЦИЈА

мај 25, 2018

Дaјанчо Ефтимов е активен во политиката во југоисточниот регион веќе една деценија започнувајќи од младинската организација на партијата преку локалната самоуправа на општина Василево, како Пратеник во Собранието на Република Македонија и со работа во институциите. Роден е во 1983 година, сопруг и татко. Со него правиме интервју околу неговиот нов ангажман во ВМРО-ДПМНЕ.

Струмица Денес: На позицијата член на Извршен комитет на најголемата Опозициона партија сте избрани после повеќе ваши ангажмани во политиката, кои се вашите активности како член на Извршниот комитет и која е вашата визија за опозиционото дејствување на ВМРО-ДПМНЕ? 

Ефтимов: Да се биде дел од новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во сегашните услови и состојба во Република Македонија истовремено претставува чест и сериозна одговорност. Тековните процеси во земјава одат во надолна линија со забрзано темпо и од нас како опозиција барат внимателно следење, анализа и одлучно дејствување. Ја прифатив задачата член на Извршен комитет за да го вложам претходно стекнатото искуство преку работа низ структурите на партијата, ангажманот во локалната самоуправа, Собранието и институциите. Тоа искуство пред мене поставува сериозна задача преку учество во Извршниот комитет да ја реорганизираме партијата на сите нивоа и да го дефинираме нашето опонирање како конструктивно. Како дел од Правната комисија активно се трудам да дадам придонес во реформирањето на правниот систем на земјава. Навистина , тоа претставува сложена задача во услови на толку запоставени или уништени работи толку погрешни и брзи чекори кои ги прави актуелната власт со секојдневно кршење на Уставот и законите на Република Македонија. Актуелните одлуки на судот јасно покажаа дека правосудниот систем не е имун на политички реваншизам. Од друга страна нашите сограѓани лично ги искусија секојдневните порази на одредени политики и некои кадри на власта и затоа мојата активност во овој период претставува интензивни средби со членовите и сограѓаните. Се среќавам со пријатели но секојдневно и со луѓе кои ги запознавам, со земјоделците, со работниците, лекарите, професорите, со такви кои безрезервно го подржуват ВМРО-ДПМНЕ и со такви кои порано имале забелешки на нашата работа . Од нив ги барам вистинските аргументи и насоки за акција. Без народот да се праша, без да се земат во предвид неговите потреби и проблеми, без неговата мудрост не може да се биде ниту власт ниту конструктивна опозиција.

Струмица Денес:  Живеете во регион од кој потекнува и Премиерот на Република Македонија. Според Вас каква е состојбата во нашиот регион, постојат ли забелешки на работењето на локалните власти и на централната?

Ефтимов: Состојбата во регионот кој претежно е земјоделски е незавидна. Особено по неуспешната ланска сезона и пролетните загуби годинава поради слабите партизирани и непрофесионални кадри ангажирани во оваа област, земјоделците ја имат изгубено надежта и постоjат страв и дилеми. Претходно во регионот имаше доста позитивни примери на грижа за земјоделието, инфраструктурата и стопанството. Се разбира направени се и одредени пропусти. Меѓутоа претстојниот период ни дава можност да се изнајдат вистински модуси да се изгради целокупна политика за рехабилитација и обнова на сите штети и пропусти направени во регионот. Што се однесува до мојата анализа на работењето на локалната власт која во регионот исклучиво е во раце на владеачката партија СДСМ доволно е да се погледнат и споредат бројките и показателите од претходните мандати и да се види колку слаба реализација и застој постои во речиси сите сегменти од работењето на општините. Останува очекување дека големиот број на струмичани кои добија подобри позиции во централната власт во претстојниот период ќе се заинтересират повеќе за влошените состојби во нашиот регион по сите основи.

Струмица Денес: Какви активности Ви претстојат, што може да се очекува во наредниот период?

Ефтимов: По извршените реконструкции на општинските комитети и партиските тела работата врз новиот Статут на Партијата следува период кога очекуваме иницијатива и ангажирање на поголем број докажани партиски и професионални кадри со нови идеи и активности како вистинско освежување во ВМРО- ДПМНЕ. Нашиот народ ја препознава силата на ВМРО-ДПМНЕ како најорганизирана и најголема партија и верува дека само обединување со нашата активност е гаранција дека ќе се одговори на сите притисоци и предизвици. Секојдневно добивам поддршка од многу сограѓани кои самите барат средба на која ја изразуват својата подготвеност да се приклучат за реформи и промени во земјата. По барање на сограѓаните и консултации со сите структури на Партијата предводени од Претседателот Христијан Мицкоски се донесе одлука за одржување на голем Протест на ВМРО-ДПМНЕ закажан за втори јуни. Протест со кој ќе кажеме стоп на штетните политики на актуелната власт. За таа цел уште сега се најавени повеќе илјади членови и сограѓани од југоситочниот регион кои ќе присуствуват на Протестот во Скопје. Тоа покажува какво е расположението во Република Македонија помеѓу нашите сограѓани. Стравот и дилемите се надминати, им отстапуват место на народната мудрост и љубовта кон татковината.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: