strumica denes logo

ЗАТВОРСКИ ПОЛИЦАЕЦ ОД СТРУМИЦА ФАТЕН ПРИ ОБИД ЗА ПРОДАЖБА НА КОКАИН ДОДЕКА БИЛ НА РАБОТА – ПРИ ПРЕТРЕСИТЕ ПРОНАЈДЕНИ ДРОГА, МУНИЦИЈА И УКРАДЕН ПАРИЧНИК!

Автор:

Датум:

ноември 23, 2026

Автор:

Датум:

ноември 23, 2026

Педесетгодишен затворски полицаец од Струмица заработи кривична пријава за три кривични дела, откако бил затекнат при обид за продажба на кокаин додека бил на работното место во Затвор Струмица.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, СВР Струмица поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против Р.С. (50) од Струмица, поради постоење основи на сомнение за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, недозволено држење и тргување со оружје и експлозивни материи, како и кражба.

Случајот бил откриен на 21 ноември, кога полициски службеници го лишиле од слобода осомничениот во непосредна близина на струмичкиот затвор.

Според информациите од полицијата, Р.С., додека бил на должност како затворски полицаец, пред затворот се обидел да продаде кокаин на друго лице. При интервенцијата, кај него биле пронајдени три пакувања со кокаин.

Но, полициската акција не завршила тука. При дополнителните претреси во домот на осомничениот, како и во службените простории што ги користел во затворот, биле откриени повеќе пакувања со кокаин, пакување со марихуана и дигитална вага.

При претресот на неговиот службен ормар биле пронајдени и куршуми за пиштол во количина поголема од онаа што службено му била задолжена.

Дополнително, полицијата пронашла и паричник за кој било утврдено дека потекнува од кражба пријавена истиот ден, на 21 ноември.

За случајот бил известен јавен обвинител, а осомничениот бил задржан во Полициската станица Струмица.

По поднесувањето на кривичната пријава, Р.С. бил изведен пред надлежен судија, кој му определил мерка притвор во траење од 30 дена.