Генеза на една незавршена идеолошка агенда и демократскиот отпор во Македонија.
Има нешто длабоко вознемирувачко во секое општество во кое жена, откако претходно побарала заштита од институциите на сопствената држава, може да заврши убиена од човекот од кого побарала да биде заштитена. Во такви случаи, покрај индивидуалната вина на убиецот, мора сериозно да се испита и институционалната одговорност на секој оној кој можел, а не презел нешто за да го спречи злосторството.
Како Епископ на Црквата Христова, немам никаква дилема дека секој удар врз достоинството на човечката личност, секое насилство врз жената, врз детето, врз немоќниот, претставува удар врз образот Божји во човекот. Затоа, секое аргументирано барање за поефикасна институционална заштита на жртвите, за построга одговорност на насилниците, за навремено постапување на полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа ја има мојата безусловна поддршка.
Но, токму затоа што човечкиот живот за нас е светиња, немаме право трагедијата на една човечка личност да ја претвориме во политичка валута со која ќе купуваме општествена согласност за нешто сосема друго.
На 18 ноември, во пресрет на меѓународната кампања против насилството врз жените, три невладини мрежи излегоа со шест барања до институциите. Станува збор за Мрежата за заштита од дискриминација, Националната мрежа за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и Платформата за родова еднаквост, организации чии методи на дејствување и идеолошки заложби ми се многу добро познати. Тие знаат дека знам. Можеби токму затоа моето име стана неизбежен рефрен во нивните јавни соопштенија и апели.
Во повикот, покрај оправданите барања за институционална одговорност, финансиска поддршка на жртвите и ефикасна превенција, наоѓаме нешто што на македонската јавност ѝ е многу добро познато. Нешто против кое оваа јавност веќе повеќепати реагираше. Старата ,,добра“ агенда, овојпат под ново знаме.
Анатомија на шесте барања
Најнапред, да видиме што точно се бара од македонските институции.
Организациите бараат до 10 декември да бидат донесени измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, доставени во Собранието на 26 август годинава. Бараат финализирање и усвојување пакет измени на осум закони, меѓу кои се Законот за полиција и Законот за семејство. Бараат најмалку 200 милиони денари во буџетот за 2027 година за специјализирани услуги за жртвите и превентивни програми за сторителите. Бараат конкретни заклучоци од собраниската надзорна расправа. Бараат враќање на претходната образовна легислатива и сексуалното образование. И, конечно, бараат утврдување индивидуална и институционална одговорност за последните убиства.
Ете, мене лично ме интересира едно елементарно прашање. Дали некој во ова општество може да го поддржи последното барање, а да не се согласува со петтото? Дали може да бара затвор за насилникот, одговорност за несовесниот полициски службеник, финансиска поддршка за жртвата, а истовремено да се противи на родовата теорија во образованието на сопственото дете и да инсистира на доследно почитување на Уставот на Република Македонија? Или, можеби, солидарноста со жртвите на насилство отсега ќе подразбира задолжително идеолошко исповедање?
Зарем за да докажам дека сум против убиството на една жена, треба да се согласам со образовната политика на ХЕРА? Зарем мајката која бара заштита од насилниот сопруг треба да стане и политички сојузник на Коалиција Маргини? Кој ја утврдил таа логичка, научна, правна или морална условеност?
Нема никаква контрадикторност во тоа човек да биде бескомпромисен противник на семејното насилство и истовремено бескомпромисен критичар на родовата теорија. Контрадикторноста се создава тогаш кога некој инсистира дека првото е невозможно без прифаќање на второто.
Заштитата на животот на жената не е идеолошки пакет-аранжман кој треба да се испорача во одреден рок на дехуманизирачките невладини организации. Велам дека се дехуманизирачки, бидејќи единствено и само преку закони можат да бидат наметнати вакви сулуди идеи за флуидни родови и променливост на полот. Само законски решенија кои здраворазумниот родител кој одбива да ја прифати оваа лудост ќе го детерминираат и отстранат од домот како насилник кој врши психичко насилство врз сопственото дете, само заради тоа што не сака да го афирмира неговиот родов идентитет различен од полот.
Ах тоа петто барање!
Во име на борбата против насилството, од институциите сега се бара да ги повлечат и законските измени од 2025 година, со кои беше отстранет дел од спорната родова терминологија во образованието.
Прашувам конкретно и јасно: која од трагедиите што се случија годинава е непосредна последица од отстранувањето на тие поими? Кое криминолошко истражување ја утврдило таа причинско-последична врска? Која анализа на постапувањето на институциите покажала дека животот на конкретна жена не бил спасен затоа што во Законот за основното образование не бил експлицитно наведен родовиот идентитет?
Ако не постои, тогаш бидете чесни пред јавноста и признајте дека, покрај борбата против насилството, имате и други политички и образовни цели за чие остварување се залагате. Во спротивно, ни оставате сериозна причина да се сомневаме дали заштитата на жените е целта на сите ваши барања или, пак, трагедијата на овие жени станува средство за остварување на вашите долгогодишни идеолошки и проектни цели.
Не е спорно дека образованието може да придонесе кон превенција на насилството. Спорно е тврдењето дека токму вашето идеолошко толкување на човекот е неопходниот предуслов за таа превенција, како и претпоставката дека наставната програма за која се залагате и прирачникот на ХЕРА треба беспоговорно да бидат прифатени како научно и педагошки втемелени извори на знаење.
Тоа, драги мои прогресивци, се две сосема различни тези и би било интелектуално чесно да престанете да ги поистоветувате.
Седумнаесет години институционален континуитет
Македонската јавност не смее да заборави кои беа едни од најгласните протагонисти на т.н. Шарена револуција. Во името на демократијата, слободата и човековите права, фрлавте бои врз спомениците и обележјата што го симболизираат историското и националното достоинство на македонскиот народ. Под превезот на граѓанскиот активизам водевте политичка битка за власт, во чие преземање партиципиравте без самите да побарате изборен мандат од граѓаните. Од вашите редови произлегоа кадри кои зазедоа значајни позиции во институциите на државата, добивајќи можност дотогашните проектни агенди да ги преточат во државни политики и законски решенија.
Најеклатантен пример за тоа е Мила Царовска, поранешна програмска координаторка на ХЕРА, која продефилира низ два од најсензитивните државни ресори – труд и социјална политика и образование и наука. Политичкото наследство од тој период е длабоко идеолошки оптоварено законодавство, правна несигурност и образовни експерименти врз македонските деца. Во истиот период се создаваше и законодавната архитектура на која денес толку ревносно се повикувате: Законот за прекинување на бременоста од 2019 година, Законот за спречување и заштита од дискриминација од 2020 година, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство од 2021 година, новата Концепција за основно образование и пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование.
Шарената револуција не беше почетокот на вашето институционално влијание, туку неговата политичка кулминација. Од 2009 година до денес, низ мандатите на декларативно идеолошки спротивставени влади, изградивте мрежа на институционално влијание која се покажа поотпорна дури и од самите политички гарнитури. Владите се менуваа, министрите доаѓаа и си заминуваа, но вашите агенди остануваа.
Според ретроспективната финансиска анализа за периодот 2009–2026 година, дваесет и седум до триесет организации од овие три невладини мрежи располагале со проценет кумулативен нето-прилив од речиси 65 милиони евра. Седумнаесет години институционален континуитет, милионски буџети, непосредно учество во креирањето закони, стратегии и образовни програми, кадровско присуство во министерствата и државните комисии – а денес настапувате како да сте немоќни набљудувачи на состојбите во државата, за кои одговорноста ја барате исклучиво кај другите.
Се чудам како овој напатен народ сè уште има трпение да ве гледа како му ги блокирате улиците и создавате неред пред институциите на сопствената држава! Но уште почудно ми е како, по сè што се случуваше, одредени државни функционери повторно ви ги отвораат вратите на истите тие институции и ви доверуваат советодавна улога во креирањето на јавните политики.
Со кое морално право се амнестирате себеси од одговорноста за состојбите во системот во чие обликување толку долго и толку непосредно учествувавте? Ако законодавството што го креиравте и политиките што ги промовиравте навистина се толку ефикасни во спречувањето на насилството, каде се резултатите? И зошто секој трагичен исход повторно го претворате во аргумент за дополнително институционализирање на истата идеологија, наместо во повод за преиспитување на сопствените политики? Прашањата се реторички, но одговорноста е сосема реална.
Одговорноста, секако, не е само ваша. Впрочем, во вашиот политички речник одговорноста, се чини, е категорија резервирана исклучиво за другите. Таа им припаѓа и на сите политички гарнитури кои ви овозможија такво влијание, вклучително и на оние политички опортунисти кои пред своите гласачи се декларираат како конзервативци, а зад институционалните врати обезбедуваат континуитет токму на политиките против кои декларативно се борат.
Од граѓанско застапување до институционален притисок
Особено е интересен уште еден сегмент од актуелното соопштение на трите мрежи. Со истите барања тие се обраќаат до странските амбасади, Делегацијата на Европската Унија, агенциите на Обединетите нации и ОБСЕ, од кои бараат да го искористат својот политички авторитет за нивно исполнување. Внимавајте, не само за обезбедување финансиска помош за засолништа, советувалишта и жртви на семејно насилство, туку за целиот пакет барања, вклучително и оние што се однесуваат на македонското законодавство и образовниот систем.
Тука веќе не зборуваме само за јавна полемика околу еден наставен предмет. Тука зборуваме за барање меѓународните политички чинители да влијаат врз одлуките на домашните институции. Меѓународната соработка е неопходна, меѓународната солидарност е добредојдена, но која е границата помеѓу соработката и политичкиот притисок?
И, конечно, пред кого македонскиот пратеник ја полага својата политичка одговорност? Пред амбасадорот, пред невладината организација, пред донаторот или пред граѓанинот?
Членот 2 од Уставот е прилично јасен во тој поглед: „Во Република Северна Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.“ Не произлегува од грантовите, не произлегува од политичкиот авторитет на странските дипломатски претставништва и не произлегува од бројот на потпишани декларации. Суверенитетот не е проектна активност!
Рокот до 10 декември, како политичко барање на група организации, не може да биде доволна причина да се изостави темелната јавна, стручна и уставноправна расправа за законските решенија. Ефикасноста на правото не се мери со брзината со која е донесен законот, туку со способноста на тој закон праведно и ефикасно да ја остварува својата цел.
Посебно чувствителни се прашањата за неповредливоста на домот, привременото отстранување на насилникот, судската контрола, правото на изјаснување и непосредната заштита на жртвата, а да не зборуваме за идеолошки спорните концепти што беа вградени во основниот закон уште во времето на Мила Царовска како трансродови лица(деца родени во погрешно тело) и кои, наместо да бидат предмет на сериозно преиспитување, и натаму опстојуваат во македонското законодавство.
На конкретните законски одредби за кои протестираат шарениве орди, нивната уставност и правните последици од нивното спроведување, како и идеолошката контаминираност на основниот Закон ќе се осврнам во посебна колумна.
Добар дел од актуелните министри и пратеници во 2023 година беа политичка опозиција. Ги слушавме нивните јавни ставови во однос на родовите политики, образованието, семејството и родителските права. Во 2025 година ова парламентарно мнозинство донесе измени во образовното законодавство кои се навистина за поздравување и кои, според моето убедување, се во согласност со вредносните определби на мнозинството граѓани во Македонија. Денес од нив се бара да ги повлечат тие измени, да спроведуваат политики спротивни на нивниот политички и вредносен концепт.
Што се однесува до мене лично, како што јавно ги критикував политиките на претходната власт, така јавно ќе ги критикувам и политиките на актуелната и на секоја наредна власт, доколку тие се спротивни на принципите на Евангелието, а во исто време стануваат облигаторни за нас преку различни законски решенија.
Приказните за загрозена секуларност и за секуларна држава во која само екстремните воук кругови имаат легитимно право да влијаат врз политиките и законодавството, додека Црквата нема право ниту јавно да ги критикува, се приказни што невладините организации можат да си ги раскажуваат на паузите од своите проектни работилници.
Секуларноста на државата не подразбира политички монопол на секуларистите, ниту граѓанска дисквалификација на верниците.
Црквата, впрочем, не ја исповеда вистината согласно изборниот календар. Ниту, пак, вистината добива различна содржина во зависност од тоа кој седи во министерскиот кабинет. Во овој контекст, особено е важно јавноста да има целосен увид во составот на работните групи што ги подготвуваа основниот закон и актуелните измени и дополнувања на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Кои организации и активисти учествувале во креирањето на овие законски политики и колку од нив денес организираат блокади и јавен притисок за нивно итно усвојување?
Учеството на едни исти субјекти во креирањето, јавното промовирање и мобилизирањето политички притисок за усвојување на определени законски решенија не е само по себе доказ за постоење широк општествен консензус. Особено кога значителен дел од јавноста веќе го изразил своето противење на концептите што тие политики ги содржат.
Владата не смее да потклекне пред политичките притисоци и ултимативно поставените рокови на невладините организации. Од актуелната власт не се очекува да се откаже од зајакнувањето на механизмите за заштита на жртвите на насилство. Напротив! Се очекува да се откаже од скратената законодавна постапка и да организира сеопфатни, суштински јавни расправи со правници, лекари, психолози, социјални работници, родители, автентични граѓански здруженија, верски заедници и со сите засегнати граѓани.
И тоа не формални расправи со однапред селектирани учесници од шарената палета на Сорос со однапред утврдени заклучоци, туку демократски расправи во кои ќе бидат соочени различните аргументи, ќе бидат испитани уставноста и правната одржливост на предложените решенија, но и последиците од нивното практично спроведување.
Ако станува збор за законски решенија кои навистина се во интерес на сите граѓани, од што тогаш произлегува потребата тие да бидат донесени по скратена постапка? Од кога тоа јавната расправа е пречка за донесување добри закони?
Не се очекува и не се бара одложување на заштитата на жртвите. Напротив, се очекува итно и ефикасно институционално постапување, но истовремено и демократски одговорно, уставно и правно одржливо законодавство. Итноста на заштитата на човечкиот живот не смее да биде алиби за законодавна брзоплетост и газење на Уставот. Не смее да се дозволи трагедијата на ниеден човек да биде аргумент за суспендирање на демократската расправа.
Ниедна жена не треба и не смее да трпи насилство
Заштитете ја жената која се плаши да се врати во сопствениот дом. Заштитете го детето кое расте покрај насилен родител. Обезбедете засолништа, психолошка поддршка, правна помош и економска сигурност за жртвите. Казнете го секој насилник согласно законот. Побарајте одговорност од секој службеник чија несовесност придонела за човечка трагедија.
Но, јас лично не сакам и не можам да прифатам некој да ја условува мојата солидарност со жртвите, со прифаќање на светоглед што го сметам за дехуманизирачки. Не е потребно да верувам во родовата теорија за да ја љубам и заштитувам жената. Не е потребно да се согласувам со образовната политика на ХЕРА, за да барам најстрога казна за убиецот. Не е потребно да се откажам од сопствениот антрополошки и богословски светоглед за да ја исповедам неприкосновената вредност на човечкиот живот.
Црквата Христова не го откри достоинството на жената со појавата на современите политички теории. Не ја откри светоста на човечкиот живот со донесувањето на меѓународните декларации. Борбата на Црквата за достоинството на човекот произлегува од фактот дека самиот Бог стана Човек. Токму затоа човечката личност за нас никогаш не може да биде средство за остварување на некоја друга цел.
Ниту детето. Ниту жената. Ниту која било жртва на насилство.
И токму затоа, кога ја бараме правдата за убиените, да имаме барем толку човечко достоинство нивната смрт да не ја претвораме во обврзувачки аргумент за нашите политички и идеолошки проекти. Зашто што е дехуманизација, ако не сведувањето на човечката личност, нејзиното страдање, па дури и нејзината смрт, на средство за остварување на некоја идеолошка цел?
Убеден сум дека правдата која бара од човекот најнапред да се откаже од слободата на својата совест за да му биде дозволено да се бори за животот на другиот, престанува да биде правда. А демократијата која го признава гласот на народот само кога тој одговара на однапред пропишаните политички цели, престанува да биде демократија.





















