Интегрален текст од прес конференцијата на Катерина Кузмановска, пратеник во Собранието на Република Македонија
Почитувани граѓани,
Во пресрет на референдумот, станува јасно дека најголемиот број од граѓаните се веќе цврсто определени за евроатлантската иднина на Република Македонија, и тој број се повеќе расте.
Овој референдум треба да не обедини сите, без разлика на етничка, верска, па и партиска припадност. Овој референдум е нашиот влез во светот на прогресот и демократијата, за влез во европската цивилизација.
Со лидерство, храброст, мудрост и визија покажавме и докажавме, како може и како треба да се решаваат постоечките проблеми. На европски и модерен начин. Договарањето е репер на цивилизираност, на зрелост и на грижа за благосостојбата и добробитта на граѓаните, подобри перспективи и просперитет.
Со договорот со Грција го кренавме каменот кој 25 години ја влечеше Македонија назад. Договорот со Грција претставува државна ратификација на нашата самобитност. На нашата суштественост, државност и нашиот идентитет.
Договорот со Грција е влог во нашата иднина и иднината на нашите деца. Градиме добрососедски односи, солидарност, пријателство и доверба.
Со договорот го расчистуваме патот на Македонија за влез во НАТО и за почеток на преговори со ЕУ- што е наша стратешка цел.
Договорот гo гарантира правото на Македонците да се определуваат како Македонци. Околу тоа нема никакви дилеми и можни оспорувања.
Според членот 7 од Договорот, македонскиот идентитет ги отсликува нашата територија, јазик, народ, со сите атрибути, со своја историја, култура и наследство.
Според членот 1 од Договорот, македонскиот јазик е потврден како официјален јазик на нашата земја. Химната, грбот и знамето остануваат и тука ништо не се менува.
Со Договорот, македонскиот јазик станува официјален во најмоќниот сојуз на светот (НАТО) и во најголемата Унија (ЕУ).
Конечно се затвора едно важно поглавје за Македонија и нејзините граѓани.
Тоа поглавје го гарантира европскиот прогрес на татковината,сигурност, безбедност и стабилност, поубава иднина за сегашните и генерациите кои доаѓаат.
Друга алтернатива почитувани мои сограѓани немаме.
И затоа на 30 септември, ќе излеземе и ќе кажеме ДА за европска Македонија.