Затвореник кој бил спроведен од Штипскиот затвор на судење во Основниот кривичен суд во Струмица успеал да избега за време на пауза во судската постапка.
Според информациите, за време на паузата затвореникот бил во придружба на двајца затворски полицајци. Тој побарал да оди во тоалет, по што, при излегувањето, го турнал едниот од полицајците и се дал во бегство.
Затвореникот успеал да избега и покрај тоа што во моментот на бегството имал лисици на рацете.
За случајот биле известени Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство. Во Штипскиот затвор е формирана комисија која треба да ги утврди околностите и евентуалните пропусти во постапувањето на затворската полиција.
Полицијата презема мерки за пронаоѓање и лишување од слобода на избеганиот затвореник.





















