Денес времето во државава ќе биде променливо облачно со умерен до засилен ветер од јужен и од југозападен правец. Во вечерните и ноќните часови од запад и северозапад ќе започнат врнежи од дожд. Максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 11 до 17 степени.
Потоа утре врнежите ќе се прошират речиси насекаде, додека на планините и тоа особено на запад ќе има врнежи од снег. Поради продор на поларна воздушна маса од Арктикот утре кон крајот на денот и навечер ќе настапи нагло и големо заладување на времето проследено со засилен ветер од северен правец и локално провејување на снег.
Во петок ќе настапи преодно стабилизирање на времето, додека за време на викендот на повеќе места се очекуваат врнежи од снег, и тоа поинтензивни во западните и во јужните предели. Температурите на воздухот ќе бидат многу ниски и за време на викендот, како и во текот на следната недела на многу места ќе бидат постојано под нулата, додека наутро понекаде ќе се спуштат и под -15 степени.