Вучиќ им одржа лекција на Бугарите: Не бараме ништо од Македонците – Немаме поблиски пријатели од нив!

јануари 28, 2024

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа истакна дека Македонците им се најблизок народ на Србите.

-Ние немаме поблизок народ од македонскиот и тоа јасно го кажувам пред целата српска и македонска јавност. Ние ништо не бараме од вас и немаме никакви услови за било што. Ништо не очекуваме и единствено што би сакале е да имаме подобри и поблиски односи. Ние не ви бараме никакви промени на Уставот, тоа е ваша внатрешна работа. Ние не ви бараме ништо и единствено од вас очекуваме и се надеваме да ја прифатите нашата братски пружена рака. Немаме ниту еден меѓусебен проблем, рече Вучиќ.

Нагласи дека двете земји имаат поставено големи цели.

-И едните и другите се наоѓаме на европскиот пат, но и едни и други мораме да водиме сметка за себе на просторите на кои живееме. Си поставивме големи цели и високо ја подигнавме скалата сакајќи да ја изградиме Србија и да го направиме се она што не е направено во историјата на Србија. Верувам дека за само 15 години од 2012 до 2027 година БДП од 32 милијарди евра да го подигнеме на 100 милијарди. Тоа можеме да го направиме само со ваша помош и со соработка со сите во регионот, рече Вучиќ и ги повика Македонците да учествуваат во големиот проект ЕКСПО 27 со своите компании и работници.
За Свети Сава или Растко Немањиќ наречен татко на црквата и на училиштата рече дека бил принц, монарх, архиепископ, учител, помирувач, творец и уште многу повеќе.

-Приказната за Свети Сава може да се сведе на еден збор – избор од првиот на Растко до последниот на Сава на државата и на црквата да им обезбеди прав наследник и да се повлече. Кога ќе се види историјата може да се заклучи дека можеби ништо не се променило. И денеска нашиот пат зависи од изборот, од тоа дали како народ ќе ја избереме слободата или нечија власт над нас, независност или вазалство, суверенитет или полтронство. Токму затоа и нашата земја во овој момент не е во едноставна и лесна ситуација. Без разлика на се нашата Србија го избра патот на слободата, суверенитетот и независност. Се наоѓаме на европскиот пат, но сме единствена воено неутрална земја која љубоморно ја чува таа своја воена неутралност и никогаш нема да му дозволи на било кого да ја чува нејзината слобода, небо и земја, потенцира Вучиќ.

Истакна дека не е лесно да се остане на европскиот пат без да се откажеш од своите традиционални пријатели и да не им го завртиш грбот во тешките моменти.

-Како Сава ги избираме начините на кои ги остваруваме нашите цели и благодарение на неговите лекции јасно ни е дека мирот и единство се основните услови за наш опстанок и развој. Во бурни времиња Свети Сава знаеше да примени бурни потези, но само кога беа потребни само за воспоставување на единството и зачувување на мирот и на запад ја бараше круната, а на исток архиепископијата. Најважно е што го избра училиштето и законите она што е најважно и за денешнината, рече Вучиќ.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: