ВО НОВАТА ГОДИНА ПОСТАВЕТЕ СИ КРАТКОРОЧНИ ЦЕЛИ И РАБОТЕТЕ НА ОСТВАРУВАЊЕ: Психолог советува како да ја одржиме мотивацијата!

јануари 4, 2024

Влеговме во новата 2024 година. Новата година симболизира и нови почетоци. Граѓаните имаат желби, планови, но треба да работат и да ги остварат. Психологот Наталија Наумовска советува да си поставиме краткорочни цели и да се трудиме максимално нив да ги оствариме. Треба да се придржуваме до ветувањата кои сме си ги дале себеси, од ситници, па до поважни работи. Кога ќе успееме да го оствариме она што сме го зацртале, добро е да се наградиме себеси.

„Новата година токму е на почетокот, а тоа е совршено време да си ги поставиме новите цели што сакаме да ги исполниме. Пореално е, а и моја препорака е да си поставуваме пореалистични цели кои ќе се краткорочни и да се насочиме кон нивно остварување преземајќи чекори секојдневно со дисциплина и работа на нив. За секој поголем успех кој води до целта да се наградиме со нешто што може да биде едноставно, не мора да е нешто големо. Наградата може да биде прошетка, ручек или вечера во омилениот ресторан или кафе во некое кафуле по ваш избор итн. Краткорочните цели е убаво да се постават бидејќи за нивно остварување е потребно помалку време, а со тоа и сатисфакцијата ќе биде поголема. Долгорочните цели не треба да изостанат, но доколку си ги поставиме да не заборавиме дека иако нивното остварување изгледа далечно ако сакаме да ги оствариме, треба да работиме на нивно остварување правејќи неделни и месечни планови. Со добра организација на времето и правење планови до кои ќе се придржуваме, секоја цел може да биде реализирана“, објаснува Наумовска.

Таа додава дека кај нас посебно после пандемијата, мотивацијата на луѓето опадна. Во средина каде често слушаме негативни вести, важно е да ја задржиме мотивацијата на едно завидно ниво.

„Ентузијазмот кај луѓето тешко се одржува поради преплавеноста од лоши вести насекаде околу нив. Секој од нас треба да си пронајде нешто што ќе го исполнува од коешто ќе црпи позитивизам, восхит и мотивација за полесно извршување на обврските. Дали тоа ќе биде читање книга, цртање, слушање музика, гледање филм, спортување или друго хоби не е важно додека човекот е исполнет духовно и физички. За да остане ентузијаст, човекот треба да се потруди сам. Колку што е можно да остане недопрен од надворешните случувања, барем тие да не влијаат врз неговото функционирање за да може непречено да се посвети на своите активности. Кога луѓето имаат и најмала цел и притоа ја остварат, тоа води до нивна поголема самопочит и поголемо задоволство од себеси“, вели Наумовска.

Во светот има војни, а во регионот лани имавме масакри, многу немили настани, но луѓето треба да се свртат кон позитивните вести и приказни, кои би биле пример за тоа што можат поединците да направат со креативност, да се променат себеси и околината.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ