Тимот на доктори-специјалисти од клиника Жан Митрев заедно со сестрите и физиотерапевтите по две недели интензивно лекување и третмани, постигнаа значајни резултати во подобрување на клиничката слика на младиот Вили. Тој беше донесен по 40 дневна кома, во животозагрозена состојба, резултат на преживеаната тешка сообраќајна несреќа. Се разбуди по само неколку дена и почна да закрепнува. Како клиника која што максимално посветено работи за спасување на човечки животи, искрено се радуваме и особено сме горди што денеска младиот Вили си заминува за Штип, со препорака за понатамошно лекување и рехабилитација во соодветна медицинска установа сепецијализирана за ортопедски повреди, а со цел негово комплетно заздравување и нормален живот кој претстои пред него.
Жан Митрев Клиника го презеде целосниот третман, лекување и престојот на 14 годишниот штипјанец во клиниката, по апелите за помош и неможноста на семејството да го плати лекувањето на нивниот син. 14 годишниот Вили беше донесен во многу тешка состојба, во кома со инфекции и декубити, откако повеќе од месец дена бил лечен во друга здравствена установа каде се обидувале да санираат тешки повреди на главата и ногата здобиени по страшната сообраќајна несреќа. Денеска Вили си заминува дома каде ќе продолжи да се радува на животот, заедно со најблиските.