УБАВИНАТА НА УНИВЕРЗУМОТ: Нептун и Уран за првпат снимени во оригиналната боја!

јануари 9, 2024

Досегашните наши идеи за тоа каква боја се планетите Нептун и Уран биле погрешни, покажува истражување предводено од британски астрономи.

На фотографии од вселенска мисија во 1980-тите Нептун е претставен во сина боја, а Уран во зелена.

Новата студија покажува дека и двете ледени џиновски планети имаат слични зеленикаво-сини нијанси. Со ова се покажа дека претходните фотографии од Нептун биле обработени за да покажат детали од атмосферата на планетата со што на фотографиите се променила нејзината вистинска боја.

„Тие направиле нешто што сметам дека секој од нас би го направил на Инстаграм во некој момент од животот, ги измениле боите. Тие ја истакнале сината боја за да ги откријат карактеристиките што може да се видат во атмосферата на Нептун и затоа планетата на фотографијата изгледа многу сино, а всушност нејзината боја е многу слична со таа на Уран“, изјави за „Би-Би-Си“, Кетрин Хејманс, астроном од Шкотска и професорка по астрофизика на Универзитетот во Единбург.

Астрономите долго време знаеле дека повеќето модерни фотографии од двете планети не ја рефлектираат соодветно нивната боја.

„Би било глупаво да погледнете астрономска фотографија и да не помислите дека е уредувана. Мора да биде, бидејќи се обработуваат за да може да се видат други нешта. Не е дека имало некаков заговор тоа да се сочува од јавноста“, објасни д-р Роберт Меси, заменик директор на кралското астрономско друштво.

Истражувањето откри дека Уран и Нептун имаат слична зеленикаво-сина нијанса, иако научниците успеаја да увидат мала разлика. Нептун има навестување на дополнително сино, што според моделот открива дека е поради потенкиот слој на магла на таа планета.

Студијата исто така покажува дека нијансата на Уран е малку позелена во лето и зима, кога пол е свртен кон Сонцето, додека во есен или пролет нијансата на планетата станува посина.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ