ТРН.МК: Струмица – европска престолнина на аерозагадувањето!

март 27, 2024

Според последниот извештај за аерозагадувањето на швајцарската компанија IQAir, Македонија е на второ место по загаденост во Европа. Она што е изненадување за сите кои живеат во Македонија, но не и за струмичани е дека најзагаден град кај нас не е Скопје, ниту Тетово, туку Струмица.

Овој наш град на југоистокот за кој градските власти милуваат да го нарекуваат како европски град конечно го “оправда” тој епитет и се најде на врвот на една европска листа, поточно на дванаесеттото место на најзагадени градови во Европа. Пред Струмица се наоѓаат само единаесет градови од Турција , Босна и Херцеговина и од Црна Гора.

Бидејќи често престојувам во Струмица каде живеат моите родители и самиот сум сведок на миризбата која се шири низ градот, не само во зимата туку еве и во овие пролетни денови. Всушност и оваа колумна ја пишувам во ноќните часови од Струмица и во моментов воздухот е прилично загаден. Излегувам на тераса и воздухот е тежок , има некој чуден мирис и моето вдишување е како да се борам за кислород. Имам чувство дека она што го вдишувам не ги задоволува целосно потребите на моите бели дробови и затоа природно ми доаѓа потребата од почести вдишувања.

Како им е на луѓето кои постојано живеат во Струмица? Во разговор со моите роднини и пријатели дознавам дека последнава година имало многу мозочни удари кај возрасната популација под 45 години, повеќето од нив биле фатални. Исто така зголемен е бројот на случаевите на астма и алергии посебно кај децата. Некои семејства решиле да заминат во странство само поради загадениот воздух и болестите кои се јавуваат како негова последица. Во тој поглед Струмица се повеќе заличува на рударски град или град со тешка индустрија а не на земјоделски град како што го перципираме.

Пред неколку месеци совесните граѓани иницирале средба со градоначалникот и на истата се дискутирало за причините за загадувањето, како и за мерките кои треба да се преземат. Поразувачко е што на средбата граѓаните биле информирани дека во градот има само еден инспектор за животна средина и притоа немал соодветни иснтрументи за мерење на загадувањето. Неверојатно. Најголемиот проблем во градот е загадувањето, умираат луѓе, се исселуваат цели семејства, а не постои систем и соодветни мерки за ова да се превенира или воопшто да се намали загадувањето. Напротив веднаш после оваа средба градските власти потрошиле илјадници евра за новогодишно украсување на градот. Струмица ја имала најголемата новогодишна елка во Македонија.

Ако се умира тогаш нека се умира под превезот на нормалноста, под илјадниците новогодишни светилки кои ги заменуваат звездите и кои ќе ги однесат струмичани директно во небесата. А да не заборавиме, првото име на Струмица е Астрајон што значи звезден град.

Целосната вест може да ја погледнете со кликнување ОВДЕ.

ИЗВОР: ТРН.МК

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ