Таравари вели: Албанците покажале дека повеќе ја сакаат Македонија!

ноември 25, 2023

Во изминатиов период Албанците беа многу поконструктивен фактор и го сакаа доброто на оваа земја многу повеќе од Македонците. Македонците се однесуваа многу себично и целта им беше да останат на власт. Како да урнеме мнозинство и да дојдеме на власт. рече лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари на гостување на ТВ21.

Зборувајќи за тоа што во моментов ѝ треба на Македонија, тој рече дека периодот низ кој минува државата е најважниот од осамостојувањето.

Ние сме сега на поважна раскрсница од таа во 90-тите, од осамостојувањето, рече Таравари.

Тој понатаму рече дека Албанците дале придонес во овие важни периоди, бидејќи биле конструктивни.

Ние влеговме во Влада со една цел, да помогнеме на мнозинството на евроинтеграцискиот пат на Македонија. Ние станавме дел од Владата за да помогнеме да се соберат 2/3 од пратениците и да се изгласаат уставните измени. Ако тоа не се случи, тогаш ќе го свикаме централното раководство и ќе одлучиме што понатаму, дали ќе продолжиме со ова мнозинство или ќе одиме во опозиција, вели Таравари.

Тој рече дека имал состаноци со Ахмети и со Ковачевски на кои се разговарало за опцијата да се оди заедно на избори со една изборна листа. Лидерот на Алијанса за Албанците рече дека засега тој е против, но не ја отфрла сосема таа идеја.

Разговаравме за опцијата да одиме заендно на избори, со една изборна листа. Но, искрено јас сметам дека во моментов е малку проблематично за нас како партија да бидеме со ДУИ на една листа, но никако не го затвораме тоа како прашање. Ќе направиме анализа, ќе разговараме со членството и следната недела ќе донесеме одлука, рече Таравари.

Тој се пожали дека иако им биле ветени многу директорски места при влегувањето во коалицијата, тие и натаму не се раководени од кадри на Алијанса за Албанците.

Ние сме навредувани и омаловажувани, но не сакаме да креваме врева во овој период и со тоа да ја загрозиме Владата. Знаеме дека сега периодот е сериозен, па не сакаме да разговараме за тоа, затоа што го сакаме најдоброто за државата, но не нè сметајте за глупави или за идиоти поради тоа. Мораме и да мислиме и за доброто на партијата, рече Таравари.

facebookShare on Facebook
TwitterTweet

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: