Субфертилноста е честа причина за загриженост и анксиозност кај младите брачни парови.
Термините инфертилитет и субфертилитет често се користат заедно и често доведуваат до вознемиреност и страв кај пациентките што сакаат бременост а не можат да останат бремени извесен период.
Субфертлитет е неможност подолг период да се постигне бременост – и е чест во денешното модерно време. Инфертилитет е неможност да се постигне бременост по природен пат, после една година активно обидување.
Кај субфертилност постои можност за бременост, само е потребно подолго време од вообичаено. Кај инфертилитетот не постои можност за бременост по природен пат.
Причини за субфертилитет
Причините може да бидат поради машки и женски фактор или комбинација. Во голем број на случаеви причината и не ни е позната или не може да се открие.
Проблеми со овулација – без овулација, не се ослободува јајце клетка за да биде оплодена. Постојат повеќе состојби кои може да доведат до проблеми со овулација, како: полицистични јајници, намалена оваријална резерва, предвремена оваријална инсуфициенција и др.
Проблеми со јајцеводите – обструкција или оштетување на јајцеводите предизвикува неможност јајце клетката и сперматозоидот да се сретнат. Причини за тоа може да бидат: ендометриоза, инфламаторна болест во карлица, претходни операции, инфекции и др.
Проблеми со матката ( утерусот ) – аномалии или проблеми со матката предизвикуваат проблеми со постигнување бременост и проблеми во бременоста. Состојби како септум на утерус, дворога матка и дупла матка, се причини за субфертилност. Миом на матка е исто причина за субфертилност.
Кај мажите причина за субфертилитет може да бидат проблеми со производство и функција на сперматозидите. Ова може да биде предизвикано од многу состојби, како: гонореја, инфекции, дијабет, карцином, варикоцела и др.
Како причина кај мажите може да бидат и состојби кои предизвикуваат проблеми со преносот на сперматозоиди, како цистична фиброза, повреди и структурни дефекти.
Дијагноза на субфертилност
Потребни се извесни испитувања и прегледи за да може да откриеме причина за субфертилност, меѓутоа во голем процент причина може и да не постои.
Се прави гинеколошки преглед и ултразвук со земање на одредени брисеви кај жената и преглед на гениталиите кај мажите. Доколку е потребно понатаму може да биде потребно да се направат и дополнителни тестови како: хормонски статус, ХСГ – хистеросалпингографија, тест за оваријална резерва.
Кај мажите основен тест кој се прави е спермограм, покасно може да требаат испитување на хормони, ултразвук, генетски анализи и др.
Третман за субфертилност
Субфертилност значи дека постојат шанси за бременост по природен пат. Во најголем дел третманот се состои во промена на животните навики и начин на живот, за да се зголемат шансите за постигнување бременост.
Најчести совети кои ги давам за да се зголемат шансите за бременост се:
Да се избегнува пушење цигари и пиење алкохол
Да се одржува здрава тежина односно слабеење кај прекумерна тежина
Следење на плодни денови
Да се избегнуваат сауни и високи температури кај мажите
Да се избегнува прекумерно вежбање
Медицинските третмани ќе зависат од причината и се различни кај жените и межите.
Кај мажите може да бидат потребни одредени хирурши третмани, постојат и таблети за подобрување на функцијата на сперматозоидите како и техники за земање на сперматозоиди.
Кај жените може да помогнат таблети или лекарства за индукција на овулација, одредени проблеми се решаваат со минимално инвазивни хируршки третмани ( лапароскопски или хистероскопски ) како и инсеминација.
Најчест третман е разговорот со пациентите и намалување на нивната анксиозност и страв дека не можат да останат бремени. Затоа доколку извесен период не може да останете бремени потребно е да направите гинеколошки преглед и разговор со вашиот лекар , без паника.