Најстудено утрово е во Берово, каде се измерени -1 степен, додека во останатите градови температурите се движат од 1 до 7 степени, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Битола се измерени 1 степен, по 2 во Скопје-Петровец, Крива Паланка, Демир Капија, Струмица и Лазарополе, а 3 степени во Тетово, Прилеп, Велес и Куманово. Во Скопје-Зајчев Рид, Штип, Кавадарци и на Попова Шапка се измерени 4 степени, во Претор, Крушево и Маврови Анови 5, во Охрид и Виница 6, а најтопло утрово е во Гевгелија со 7 степени.
Во текот на денот времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во одделни котлини ќе има услови за магла, а ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималните температури ќе се движат од 16 до 21 степен.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и слаб ветер од променлив правец. Дневната температура ќе достигне до 19 степени.
Релативно стабилно време се очекува и во текот на следната недела. Според долгорочната прогноза, во Скопје нема најава за позначителни врнежи, а ќе преовладува сончево или умерено облачно време.
Во недела, 25 октомври, се очекува максимална температура од околу 19 степени и минимална од 8. Во понеделник дневната температура ќе се спушти до околу 16 степени, а утринската до 3.
Од вторник до четврток повторно ќе биде нешто потопло, со дневни температури од 17 до 18 степени. Утрата, сепак, ќе останат свежи, со минимални температури меѓу 2 и 6 степени.
Кон крајот на неделата се очекува мало заладување. Во петок се прогнозираат околу 16 степени, а во сабота, на последниот ден од октомври, максималната температура би се спуштила до околу 15 степени.
Според актуелната прогноза, последната недела од октомври ќе помине без поголеми временски промени – со студени утра, сончеви периоди и релативно пријатни дневни температури.
























