Голем успех за струмичкиот Карате клуб „Шихан Про“ и македонското карате беше постигнат на Европското првенство во Фудокан карате, кое од 7 до 10 мај се одржа во Брашов, Романија, во арената Sepsi Arena Sfântu Gheorghe.
На ова престижно европско натпреварување, на кое учествуваа претставници од 22 држави, Македонската Фудокан Карате Федерација имаше забележителен настап, а особено се истакнаа натпреварувачите од струмичкиот Карате клуб „Шихан Про“, кои остварија импресивен резултат освојувајќи вкупно девет медали.
Во вкупниот биланс, струмичките каратисти освоија три златни, две сребрени и четири бронзени медали, потврдувајќи го својот квалитет и подготвеност на европската сцена.
Апсолутен херој на првенството беше Тиме Крстев, кој со доминантни настапи во своите категории освои три златни медали и се искачи на европскиот врв.
Значаен придонес во успехот на клубот дадоа и останатите натпреварувачи: Жика Манасов освои сребрен медал, Томи Ристов освои еден сребрен и еден бронзен медал, Филип Пасков се закити со два бронзени медали, додека Бране Клепов освои еден бронзен медал.
Со овој извонреден успех, Карате клуб „Шихан Про“ уште еднаш потврди дека Струмица е расадник на спортски таленти, а македонското карате има свои достојни претставници кои можат рамноправно да се носат со најдобрите европски натпреварувачи.

























