Претходната недела во Штип се одржа меѓународниот натпревар „Сергеј Михајлов“, на кој учениците од Струмица остварија извонреден успех, освојувајќи голем број први, втори и трети награди во повеќе категории.
Со своите настапи, младите музичари уште еднаш го потврдија квалитетот на музичкото образование и посветената работа со нивните наставници.
Во дисциплината теорија на музиката, повеќе ученици освоија први награди со максимални бодови, додека значајни резултати беа постигнати и во солфеж, гитара, традициски инструменти, пијано и виолина. Особено се истакнуваат и камерните состави – дуо и трио гитари, како и пијано четирирачно, кои исто така се закитија со највисоки признанија.
Успесите се резултат на континуираната работа и менторство на наставниот кадар, меѓу кои се издвојуваат Душко Филев, Марина Грозданова, Ана Тимова, Васко Пиличев, Игор Ангелов, Зоран Мазнејков, Ленче Мазнејкова, Жана Џибулова, Александар Бончев, Дарко Атанасов и Костадинка Ончева.
Овој значаен успех претставува голема гордост за Струмица и потврда дека младите таленти од градот достојно ја претставуваат својата средина на меѓународни сцени.
Честитки за сите ученици и нивните наставници за постигнатите резултати.





















