СТРУМИЧАНКАТА РАДА ЧОП Е ЕДНА ОД ОСУМТЕ ДЕВОЈКИ СО НАЈДОБАР РЕЗУЛТАТ ПО АНГЛИСКИ НА ДРЖАВНА МАТУРА!

јули 30, 2022

Оваа година, според податоците добиени од Државниот испитен центар, 8 ученички постигнале одличен успех на државната матура по предметот англиски јазик со 99,97 перцентили. Тоа се Фани Јованова од СОУ „Добри Даскалов“ во Кавадарци, Надица Велјаноска од ОСУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид, Софија Кочовска, Ана Наумоска и Киара Педрони од СУГС „Орце Николов“ во Скопје, Стефанија Смиланска од СОУ „Ванчо Прке“ во Виница, Ана Трифуновска од СУГС „Јосип Броз Тито“ во Скопје и Рада Чоп од СОУ „Јане Сандански“ во Струмица.

Рада Чоп за Факултети.мк го сподели своите искуство од подготовките, техниката на учењето, жртвувањето на социјалниот живот, а ни ја открија и формулата за успех, како и плановите за студии.

Формулата за успех на Рада Чоп е од 3 состојки: упорност, верба и посветеност

Рада Чоп од гимназијата СОУ „Јане Сандански“ во Струмица вели дека успехот најпрво доаѓа од сопствената психичка посветеност кон целта.

– Мојот успех е мешавина од три состојки: упорност, верба и посветеност на остварување на посакуваната цел. Но, сепак, овие атрибути нема да се важни ако не додадеме и малку релаксирање помеѓу чекорите до успехот – вели таа.

Според неа, за учењето да биде квалитетно и солидно, секогаш треба социјалниот живот да биде барем малку жртвуван. Нејзината техника на учење била комбинирана – по секој час посветен на учење се одморала читајќи книги или гледајќи серии, или пак дружејќи се со двоите другарки. Во подготовката за испитот по англиски јазик таа ги покажала своите познавања од јазикот, меѓутоа, голема улога имала и инутицијата.

– Подготовката за англиски јазик беше малку специфична бидејќи немаш конкретна теорија која можеш да ја „набубаш“, туку тука се гледа твоето разбирање на англискиот јазик и севкупниот исход од твоето учење да комуницираш и да пишуваш на англиски јазик сите овие години. Многу ми помогна интуицијата за англиски правопис која ја имам стекнато со помош на многуте вежби со професорите, читање англиска литература и, се разбира, англиски серии и филмови. Но, мислам дека најважно е да бидете сигурни во себе и да го следите својот инстинкт при решавањето на вежбите – истакнува матурантката.

Таа сè уште има дилема во врска со тоа каде ќе го продолжи своето образование. Вели дека сега се наоѓа на крстосница и не знае по кој пат да тргне. Се двоуми помеѓу фармација или биохемија во Скопје, иако првичната желба ѝ била да го продолжи образованието во Бугарија или во Словенија.

ИЗВОР: ФАКУЛТЕТИ.МК

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ