strumica denes logo

СТРУМИЧАНИ ЈА ОСТВАРИЈА ЗАЦРТАНАТА ЦЕЛ: БРЕРА СЕ ОДБРАНИ И ПОВТОРНО ЌЕ ИГРА ВО ПРВАТА МАКЕДОНСКА ФУДБАЛСКА ЛИГА!

Автор:

Датум:

мај 13, 2024

Автор:

Датум:

мај 13, 2024

Фудбалерите на Шкупи ја продолжија кризата во финишот од сезоната во ПМФЛ. По двата порази во претходните две кола, попладнево момците на Ѓока во претпоследното коло од шампионатот одиграа без голови против Брера и со тоа ги загубија сите шанси во трката за титулата. На спротивната страна, пак, струмичкиот тим со денешниот бод, како и со ремито на Вардар со Силкес и дефинитивно обезбеди опстанок во елитата.

Стартот на натпреварот на „Чаир“ не донесе многу возбудувања. Шкупи беше поактивен, ја имаше топката во своите нозе, но изостануваа вистински прилики за погодок. Првото возбудување пристигна во 25. минута, кога Диене од голема далечина и од полудесно сакаше да го изненади Алчевски, но неговиот обид беше многу непрецизен.

Пет минути подоцна мрежата на Брера се затресе, откако по тимска акција Трапановски ја смести топката во голот, но линискиот судија со право го подигна знаменцето и погодокот беше поништен. До крајот на полувремето шанса за Шкупи пропушти и Шеји, додека на спротивната страна Брера најголемата можност ја имаше во 33. минута, кога по една голема мешаница пред голот на Шкупи ниту еден фудбалер од струмичани не успеа да го пробие блокот.

Во второто полувреме Шкупи ги засили своите напади. Шанси се редеа пред голот на струмичани, но евидентно, на чаирчани денес им недостигаше поголема концентрација во завршницата. Трапановски во 55. минута одново имаше можност да го отвори резултатот, биеше одлично, но Алчевски повторно беше на висина на задачата и изби во корнер.

Покрај одличната партија, голманот на Брера ја имаше и среќата на своја страна, откако во 58. минута не реагираше баш најдобро по заканата на Воша и топката од гредата се врати во поле. Во продолжение чаирчани не искористија уште неколку можности за победнички гол, па на крај мораа да се задоволат со само еден освоен бод.

Во последната рунда оваа сезона Брера на свој терен ќе се судри со Македонија ЃП, додека Шкупи гостува кај Струга Трим Љум, која веќе ја одбрани титулата.