strumica denes logo

Струмица воведува едукативни работилници за превенција од врсничко насилство врз младите!

Автор:

Датум:

ноември 10, 2026

Автор:

Датум:

ноември 10, 2026

Психолозите од средните училишта во Струмица, во соработка со локалната самоуправа и надлежните институции, ќе подготват едукативни работилници за средношколците од сите години во средните училишта. Работилниците ќе бидат насочени кон препознавање и спречување на врсничкото насилство и насилството врз жените.

Ова е иницијатива што денеска беше отворена на работната средба на градоначалникот на Струмица со психолозите од средните училишта и директорката на Центарот за социјални работи Струмица, на која се разговараше за потребата од навремена едукација на младите, особено во периодот на адолесценцијата, кога ги воспоставуваат своите први емотивни и партнерски врски.

Целта е преку интерактивни работилници младите да научат да ги препознаваат облиците на насилство, да ги разбираат сопствените права и лични граници, да градат здрави односи и да се запознаат со механизмите на заштита и институционална поддршка.

Предвидено е да се формира работно тело составено од неколку психолози или семејни терапевти, кои во соработка со Центарот за социјални работи Струмица и Психо-социјалното советувалиште ќе ја подготват програмата и содржините на работилниците. Нивната реализација се планира кон крајот на месец ноември, во рамките на глобалната кампања „16 Дена активизам против насилството врз жените“.

„Младите се крвотокот на секое општество. Тие го одржуваат, движат и обновуваат животот во нашата заедница и наша заедничка обврска е да им обезбедиме услови во кои ќе можат безбедно да растат, да се развиваат и да ја осмислуваат и обликуваат својата иднина. Затоа, мораме да ги научиме како да препознаваат нездрави односи, како да ги поставуваат своите граници и како да се заштитат од насилство. Најважно, да знаат дека секогаш имаат кому да се обратат“, изјави на средбата градоначалникот Петар Јанков.

Со ова Општина Струмица ја нагласува важноста на превенцијата, едукацијата и меѓуинституционалната соработка во создавање безбедна средина за младите, во која секој ќе може да живее без страв од насилство.