strumica denes logo

СТРУМИЦА ДОБИ НОВО АМБУЛАНТНО ВОЗИЛО, ОПРЕМЕНО СО СОВРЕМЕНА МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА!

Автор:

Датум:

ноември 10, 2026

Автор:

Датум:

ноември 10, 2026

Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков присуствуваше на доделувањето на новото санитетско возило за потребите на Итната медицинска помош во Струмица.
Возилото е опремено со современа медицинска опрема, два ЕКГ-апарати и два полуавтоматски и два автоматски дефибрилатори.

Целата донација е обезбедена преку проектот „Heart Safe CBA – Towards a Cross-Border Area Safe for the Heart“.

Особено значаен сегмент е обуката на медицинскиот персонал за основно и напредно одржување во живот, со стекнување сертификати акредитирани од Европскиот совет за ресусцитација, а предвидени се обуки и за обучувачи кои понатаму ќе го пренесуваат стекнатото знаење на новите кадри во здравствените служби.

Градоначалникот Јанков ја истакна важноста од континуирано вложување во здравствените капацитети, особено во Итната медицинска помош која ги опслужува жителите од поширокиот струмички регион.

„Како Општина, имаме обврска сериозно да пристапуваме кон ваквите иницијативи, да ги поддржуваме и да соработуваме со здравствените институции и сите потенцијални партнери кои се дел од здравствениот систем. Само преку заедничка посветеност и континуирана соработка можеме да создадеме услови за поквалитетни, подостапни и поефикасни здравствени услуги за сите граѓани. Затоа, нашата поддршка за вакви проекти не треба да биде само декларативна, туку да се потврдува со конкретни партнерства и активности“, додаде Јанков.

На примопредавањето присуствуваа и д-р Кирил Манчев, директорот на ЈЗУ „Здравствен дом“ Струмица и Јован Коцев в. д. директор на Југоисточен плански регион.

Проектот се реализира во рамките на програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција, Interreg VI-A IPA 2021-2027, со финансиска поддршка од Европската Унија и националните фондови.

Партнери во проектот се Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Универзитетската болница АХЕПА од Солун и Хеленското здружение за итна претхоспитална медицинска грижа.