„Ботокс-мафија“ е новиот термин што одекнува во јавноста. Драматична акција на полицијата и обвинителството ја тресе естетската индустрија во Македонија.
Се апсат лекари, меѓу нив и од Клиничкиот центар, се приведуваат бизнисмени, се вршат претреси во повеќе градови, Скопје, Битола и Струмица. Се расклопува мрежа која, според истрагата, со години нелегално увезувала ботокс и филери и ги пласирала на пазарот. Неофицијално, при претресите е одземено поголемо количество медицински лекови и медицински помагала, како и пари и телефони. Првичните информации укажуваат дека дел од филерите потекнувале од Кина, Србија и Турција, без соодветно упатство за употреба, што дополнително го зголемува ризикот за здравјето на пациентите.
Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција велат, ова не е изолиран случај, туку организирана шема со широка мрежа на инволвирани лица. Според истрагата, дел од приведените се лекари, сопственици на дерматолошки ординации, но и лица кои ја организирале логистиката, транспортот и продажбата на нелегалните производи. Медицински средства, кои треба да бидат строго контролирани, завршувале во ординации и салони без соодветни дозволи. Дел од производите, според сомнежите, биле и со непознато потекло, а се испитува и нивната безбедност. Сомнежите одат уште подалеку. Се истражува дали системот бил „подмачкан“ со поткуп, за мрежата да функционира непречено. Додека едни се подмладувале, други си го полнеле џебот.
„Акцијата е резултат на постоење на основи на сомневање за сторени кривични дела ‘Злосторничко здружување’, ‘Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма’ и ‘Примање поткуп’. До овој момент се обезбедени повеќе лица, но поради обемот и сериозноста на случајот, акцијата се проширува со нови претреси и приведување на други инволвирани лица“
Акцијата се шири, нови приведувања, нови имиња, нови сомнежи. Дел од осомничените се веќе изведени пред судија на претходна постапка, а обвинителството најавува дека истрагата ќе опфати сите инволвирани.























