strumica denes logo

„СТИГА Е“ ВЛЕЗЕ ВО СОВЕТОТ НА ОПШТИНА СТРУМИЦА СТРУМИЦА!

СТИГА Е – Струмица:

Почитувани сограѓани,
На изборите освоивме едно советничко место во Советот на Општина Струмица. За нашата листа гласаа 1041 избирачи и со тој резултат во советот влегува Ѓорѓи Танушев. Им благодариме на сите граѓани за поддршката и честа што ни ја укажаа, но и воедно не обврзаа да покажеме што можеме и умееме во Советот.

Локалните избори завршија, но работите во советот на општина Струмица нема повеќе да бидат исти барем во поглед на гласноста и застапувањето на граѓаните, транспарентноста, отчетноста, иницијативите, деталните претреси и анализи на секој предложен проект, буџетска ставка, ревизорски пристап до специфични информации, завршни сметки и тн. Ние сме свесни дека со еден советник не можеме правно да влијаеме на одлуките. Сепак не се предаваме и со нашето знаење, искуство, тимска работа, поддршката од активистите и притисокот на јавноста ќе бидеме водечки модел за асиметрична борба во рамки на системот.

Јавниот интерес на граѓаните секогаш ќе биде на прво место. Повторуваме дека ние не сме политичка партија и дека нашето гласање во советот за поддршка или опозиција ќе зависи единствено од проектите и предлозите што ќе бидат поставени без разлика од каде доаѓаат. Доколку процениме дека одлуката е вонредно значајна ќе иницираме локален референдум. Иако Ѓорѓи ќе биде наш единствен советник, тој секако нема да биде сам, затоа што позади него ќе стоиме и како тим ќе соработуваме ние, активистите од здруженијата и иницијативите како и сите граѓани на општина Струмица.

Со оглед на фактот што во текот на изборната кампања сите кандидати од сите политички партии во општините Струмица, Босилово и Ново Село се декларираа против рудникот Иловица-Штука очекуваме да си го зачуваат образот со дадените ветувања. Сепак остануваме будни за евентуални промени и ќе иницираме широки активности за бунт и блокирање во општините доколку се променат работите од новите градоначалници и советници.

Честитки за Стојан Трн Велков, носителот на листата на СТИГА Е – Босилово кој успеа да освои 452 гласа, односно 6.44% и да влезе во Советот на Општина Босилово.

Честитки за Костадин Ристоманов, носителот на листата на СТИГА Е – Ново Село кој успеа да освои 489 гласа, односно 9.72% и успеа да влезе во Советот на Општина Ново Село.
Целта е постигната – имаме влез во локалните совети на трите општини!

Стига Е!

Автор:

Датум:

октомври 20, 2021

Категории:

Струмица