Средните стручни училишта ги отворија вратите за идните средношколци!

мај 21, 2021

Отворени денови за промоција на стручното образование во рамки на проектот „Учи паметно, работи стручно“

Во тек е втората фаза од кампањата за промоција на предностите и можностите кои ги нуди средното стручно образование, во чии рамки се одржуваат и отворени денови во вкупно 30 средни училишта од 10 градови низ целата територија на Република Северна Македонија.

Целта на овие настани е на идните средношколци да им се даде можност одблиску да се запознаат со придобивките од стручното образование, но и со концептот на дуално образование кој за прв пат се воведува во нашата земја. Овој концепт се спроведува во партнерство на училиштата со локални компании и всушност подразбира повеќе практична настава за учениците директно на потенцијалното работно место, а помалку изучување теорија. Ова на средношколците им овозможува стекнување на квалитетни и потребни вештини за обезбедување на соодветен работен ангажман веднаш по формализација на средното образование, но и добра основа за понатамошна високообразовна надградба.

Втората фаза од кампањата започна со отворени денови во СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе и во стручните училишта „Љупчо Сантов“ и „Гошо Викентиев“ од Кочани.

Во учебната 2021/2022 год. СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе ќе отвори дуална паралелка за хемиско-технолошка струка, која во прва година ќе прими вкупно 25 ученици за образовниот профил прехранбени техничари.

СОУ „Љупчо Сантов“ од Кочани, пак, отвора две дуални паралелки, една за хемиско-технолошка струка и една за економска, правна и трговска струка, кои ќе примат вкупно 34 ученици од образовните профили хемиско-лабораториски техничар и бизнис администратор, а СОУ „Гошо Викентиев“ ги отвора вратите за вкупно 75 ученици во 3 стручни паралелки: две за електротехничка струка и една за машинска.

Потреба за машинските и хемиско-технолошките струки имаат и средните стручни училишта „Коле Неделковски“ и „Димитрија Чуповски“, како и голем број локални компании од Велес. Овие училишта исто така одржаа отворени денови во рамки на кампањата „Учи паметно, работи стручно“, со цел да ги запознаат идните средношколци со образовните профили техничар за производно машинство и заварувач од машинската струка, како и месопреработувач и техничар за заштита на животна средина од хемиско-технолошката струка кои како паралелки ќе бидат отворени во учебната 2021/2022 год. за вкупно 100 ученици.

Во Кавадарци, пак, 118 ученици ќе се запишат во некоја од 5-те дуални паралелки во стручните училишта „Киро Спанџов – Брко“ или „Ѓорче Петров“. СОУ „Киро Спанџов – Брко“ отвора 3 дуални паралелки за образовните профили металуршки техничар од гелошко-рударска струка; машински техничар за производно машинство од машинската струка и техничар за индустриска мехатроника од електротехничката струка, а пак СОЗШУ „Ѓорче Петров“ ќе отвори две стручни паралелки од шумарско-преработувачка струка, и тоа една за профилот шумарски техничар, а една за шумар/столар.

По Кавадарци, кампањата продолжи во СОУ „Димитар Влахов“ и СОУ „Никола Карев“ од Струмица, каде ќе се запишат дури 150 ученици во прва година во некоја од 6-те дуални паралелки кои ќе се отворат во овие две училишта. Три од нив се во СОУ „Димитар Влахов“ за угостителско туристичка струка (профил келнер и готвач), за хемиско-технолошка струка (профил месопреработувач и пекар) и за земјоделската струка (профил полјоделец), а пак струките машинска, сообраќајна и градежно-геодетска ќе бидат отворени во СОУ „Никола Карев“, за образовните профили техничар за производно машинство, ракувач со машини за пренос на материјали и тесар, армирач и бетонирач.

Во текот на месецов, Охрид исто така беше домаќин на идните средношколци, заинтересирани да се запишат во некои од стручните училишта ОУТУ „Ванчо Питошески“ кое ќе прими 50 ученици во две дуални паралелки од угостителско туристичката струка за профилите готвач, слаткар и келнер, или ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ кое отвора 5 дуални паралелки за 103 ученици од 5 различни струки. Овде средношколците во прва година ќе имаат можност да се запишат за машински техничар или техничар за компјутерско управување од машинската струка; техничар за индустриска мехатроника од електротехничката струка; техничар за козметичка нега и убавина од струката за лични услуги или техничар за патен сообраќај од сообраќајната струка.

Машинска струка за профил техничар за производно машинство исто така отвора и РЦСОО „Моша Пијаде“ од Тетово за вкупно 8 ученици во една дуална паралелка.

Покрај овие 7 градови, отворени настани во текот на месец мај се одржуваат и во уште 4, и тоа Прилеп, Куманово, Крива Паланка и Скопје, каде се опфаќаат уште вкупно 18 средни училишта.

Вратите се отворени, можностите се промовирани. Почнувајќи од обезбедување квалификуван кадар и вештини кои се најбарани на пазарот на труд, преку реални пракси во локалните компании, но и стипендии за учениците, па сè до можности за брзо и лесно вработување по завршување на средното образование, проектот „Учи паметно, работи стручно“ несомнено дава одговор на најчестите предизвици со кои се соочува пазарот на труд.

Само во учебната 2021/2022 се предвидени 97 дуални паралелки, и тоа во 25 општини низ земјата + градот Скопје, па единствено останува на учениците, но и нивните родители, да ја препознаат вредноста дека преку дуалното образование средношколците навистина го добиваат потребното знаење и подготвени влегуваат во работните и организациски структури на компаниите.

Овој проект го имплементира Министерството за образование и наука, а е поддржан од проектот „Образование за вработување“ (Е4Е@мк) и Швајцарската агенција за развој и соработка.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ