Кошаркарите на Струмица приредија сензација во македонската Суперлига, откако на домашен терен славеа против актуелниот шампион МЗТ Скопје со 87-79. Струмичани одиграа одличен натпревар и му го нанесоа првиот првенствен пораз на фаворитот.
„Металците“ тргнаа офанзивно и во воведните пет минути стекнаа предност од 17-9, но домашниот состав не дозволи гостите да се одлепат резултатски. По првите десет минути на семафорот стоеше 26-26, а Струмица продолжи со цврста игра и на полувремето имаше водство од 47-44.
Во вториот дел се водеше голема борба за секој поен, а предноста постојано преминуваше од една на друга страна. МЗТ Скопје поведе со 70-67 на почетокот на последната четвртина, но потоа домаќините направија серија од 13 поени без одговор и го свртеа натпреварот во своја корист.
Со оваа серија Струмица стигна до убедливи 87-75 на нешто повеќе од минута и половина до крајот, по што шампионот веќе немаше време за нов пресврт. Домашните кошаркари рутински ја зачуваа предноста и стигнаа до еден од најзначајните триумфи сезонава.
Американците ја предводеа Струмица до големата победа. Џејкобс блесна со 29 поени, Крафорд запиша 21, а Херис натпреварот го заврши со 16 поени. Во таборот на МЗТ Скопје, Војдан Стојановски беше најрасположен со 17 поени.
Шампионот и на овој натпревар беше без капитенот Дамјан Стојановски, кој поради скршено ребро го пропушти и четвртиот последователен меч. Сепак, Струмица ја искористи својата шанса и покажа дека може да се надигрува и со најсилните екипи во домашното првенство.
























