САЊА КОСТАДИНОВА: Стрес, анксиозност или „уште полошо“ ?

јуни 5, 2022

Сања Костадинова – Студентка на постипломски студии по психотерапија на универзитетот во Љубљана.

Насока – Брачна и семејна терапија.

Стрес, анксиозност или „уште полошо“?

Терминот „стрес“ датира уште од 1936 година и од тогаш до денес има многу различни дефиниции. Суштината на стресот може да ја дефинираме како неизвесност. Овде можеме да се освртиме на три главни прашања: Што е неизвесност? Што ни прави неизвесноста? Кои се нашите ресурси за нејзино совладување?

Математички гледано, неизвесноста е ентропија или „очекувано изненадување“. Применето во нашиот секојдневен живот, тоа значи дека се чувствуваме несигурни кога предвидуваме дека крајниот резултат ќе биде поинаков од очекуваното и дека не можеме да го избегнеме.

Во праисторијата, стресот бил природен одговор на закана, како на пример приближување на предатор. Денес,иако не се среќаваме со закани од таков вид (можноста да нèнападне мечка е премногу мала, но сепак не треба да ја исклучиме во целост😉), одговорот од страна на нашиот лимбички систем е сè уште ист. Ослободувањето на адреналин и кортизолму помага на нашиот мозок и тело да се справат со заканите. Симптомите на стрес вклучуваат забрзан пулс, потење, плитко дишење и сл.

Стресот исчезнува кога ситуацијата што го предизвикалаќе се реши, што го олеснува неговото контролирање. За полесно соочување можеме да си помогнеме со физичка активност, вежби за дишење, соодветна количина на сон, балансирана исхрана, разговор и дружење со најблиските..

Анксиозност или чувство на вознемиреност претставува нормална реакција на стрес. Вознемирено може да се почувствуваме кога се соочуваме со тежок проблем, пред донесување на важна одлука или пред испит.

Анксиозноста може да ни помогне да се фокусираме и да го постигнеме посакуваниот резултат. Но, за луѓето со анксиозно растројство, вознемиреноста не е привремена и може да претставува голем проблем.

Што е анксиозно растројство (нарушување)?

Станува збор за состојба во која анксиозноста не исчезнува и може да се влоши со текот на времето. Таа преминува во анксиозно растројство кога ќе почне да влијае на нашата способност да се соочиме со вообичаените активности од секојдневниот живот (на пр.: одење на работа, одење на училиште, поминување време со најблиските) или да комуницираме со светот околу нас на соодветен начин. Општо земено, за да се постави дијагноза анксиозно растројство, самата состојба треба да трае повеќе од шест месеци и да влијае негативно врз сите аспекти на животот (личен, професионален и социјален).

Е резултат на долготрајно дејство на генетски, биопсихолошки, социјални и други фактори кои влијаат врз нас и предизвикуваат исцрпување и „прегорување“ на физиолошките механизми за справување со стрес.

Здравиот начин на живот, квалитетниот сон и минималната конcумација на кофеин и алкохол можат да помогнат и да ја намалат можноста да дојде до ова нарушување.

Не секоја анксиозност преминува во анксиозно нарушување, но ако се соочувате со ваков проблем, се надевам дека ќе го направите правилниот чекор и ќе побарате стручна помош. Обратете се кај вашиот матичен лекар, стапете во контакт со психолог или психотерапевт.

Тежината на ваквата ситуација не мора да ја носите сами. Има луѓе кои можат и сакаат да ви помогнат.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ