strumica denes logo

„Родителски фронт“ до претседателката Силјановска-Давкова: Поддржете ги измените на законите за образование во интерес на децата и семејствата!

Автор:

Датум:

април 7, 2025

Автор:

Датум:

април 7, 2025

„Родителски фронт“ упати јавно обраќање до претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, со повик да ги поддржи измените на Законот за средното образование и Законот за учебници за основно и средно образование. Во писмото, иницијативата, составена од родители, граѓани од различни професии – адвокати, лекари, наставници, инженери и други, ја истакнува својата грижа за содржините кои, како што наведуваат, се обидуваат да се воведат во образованието преку притисоци од одредени невладини организации.

ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ПО РЕКЛАМИТЕ:
ПРОДОЛЖЕНИЕ:

„Иако различни во нашите професионални идентитети, сите ние сме обединети околу најважната и најодговорна улога што ја имаме – улогата на родители,“ стои во обраќањето. Од „Родителски фронт“ посочуваат дека нивната мисија е заштита на правата и добросостојбата на децата и зачувување на родителските права, како суштински елемент во здравиот развој на општеството.

Поводот за реакцијата се измените на двата клучни закони, кои наскоро ќе се најдат на потпис кај претседателката. Од иницијативата потенцираат дека со својот потпис, Силјановска-Давкова не само што ќе даде легитимитет на законските измени, туку и ќе ја покаже својата посветеност кон демократијата, уставноста и волјата на граѓаните.

Во јавната реакција, „Родителски фронт“ изразува сериозна загриженост за, како што ја нарекуваат, „агресивната промоција на родовата идеологија“ од страна на невладини организации, за кои тврдат дека се капитално поврзани со фондови од странство.

„Во Македонија веќе има деца и семејства кои се жртви на родовата идеологија, уценети да финансираат промена на пол и да примаат хормонска терапија,“ наведуваат од иницијативата, повикувајќи се на случаи од терен.

Тие дополнуваат дека во последниот период има обиди да се воведат содржини кои не се во согласност со детската возраст, културниот контекст и уставните вредности на државата, особено преку термини како „родов идентитет“ и „род“, кои, според нив, не се уставно признаени.

„Почитувана Претседателке, како професор по Уставно право, Вие најдобро знаете што значи уставноста и колку е важна улогата на државата во заштита на правата на децата и семејството,“ порачуваат од „Родителски фронт“, изразувајќи уверување дека како родител и професор, Силјановска-Давкова ќе има разбирање за нивната позиција.

Во обраќањето е цитиран и премиерот Христијан Мицкоски, кој во неодамнешна изјава изјави дека Владата се откажува од родовата политика и ќе промовира семејни вредности преку полов пристап, истакнувајќи ја важноста на семејството како темел на општеството.

„Во име на илјадници родители, Ве повикуваме со Вашиот потпис да застанете зад овие законски измени. Со тоа ќе го заштитите највисокиот интерес – интересот на детето, но и ќе ја потврдите волјата на мнозинството граѓани во Република Македонија,“ стои на крајот од писмото.

Од „Родителски фронт“ додаваат дека борбата за правата на децата и семејствата останува нивна главна цел и дека очекуваат институциите да застанат зад вредностите на Уставот и волјата на граѓаните.