strumica denes logo

РЕАКЦИЈА НА СТРУМИЦА ДЕНЕС: Срамота е општина како Струмица да нема дежурна аптека – Здравјето нема работно време!

Автор:

Датум:

април 16, 2025

Автор:

Датум:

април 16, 2025

Во време кога здравјето треба да биде приоритет, жителите на Струмица се соочуваат со еден поинаков проблем – во градот нема ниту една дежурна аптека по полноќ. Овој проблем не е од вчера. Години наназад, граѓаните укажуваат на потребата од аптека која ќе биде отворена 24 часа, но институциите остануваат неми.

Колку пати сте се нашле во ситуација доцна навечер или во раните утрински часови да ви затреба лек за себе, за дете, за постар член од семејството? Ова е сериозен удар врз здравјето на граѓаните.

Струмица е град со над 40.000 жители, со болница, со бројни амбуланти, со приватни ординации и без дежурна аптека! Срамота е што и покрај сите најави и ветувања, ова прашање останува нерешено. Немањето 24-часовна аптека значи ризик за хронично болни, за новороденчиња, за итни случаи кои не трпат одложување.

Иронијата е што многу аптеки во градот имаат капацитет и кадар да организираат дежурства. Потребна е само волја, соработка со Министерството за здравство и Фармацевтската комора. Потребна е грижа за граѓанинот!

„Струмица Денес“ бара итно решавање на овој проблем. Апелираме до сите надлежни институции, да го направиме она што одамна требаше да биде реалност – дежурна аптека која ќе работи 24 часа, 7 дена во неделата!

Здравјето нема работно време. Дежурна аптека е минимум што граѓаните на Струмица го заслужуваат.