strumica denes logo

РАБОТА КОЈА НЕ Е ЗА ПОТЦЕНУВАЊЕ: Под 2.000 денари чистачка не ти влегува во стан и ќе ја чекаш цел месец!

Автор:

Датум:

јули 23, 2024

Автор:

Датум:

јули 23, 2024

Поради работните обврски, грижата околу децата, динамичното секојдневие, жените сè помалку имаат време да им се посветат на домашните обврски. Па во последно време, сè поголем дел од нив се одлучуваат да ангажираат жени за помош во секојдневните работи. Со растот на побарувачката, се зголеми и нивната цена. Така минималната цена што ја наплаќаат “чистачките” во Македонија е 2.000 денари за стан од 50 квадратни метри, а во соседството цените се многу повисоки, така што месечните примања им достигнуваат и до 1.000 евра месечно.

– Цел месец однапред ми е договорен. Минималната цена што ја наплаќам е 2.000 денари за стан. Веќе никој не се нафаќа да работи за 1.000 денари како порано. Работната рака е поскапена секаде, бидејќи има многу работа. Мене понекогаш дневно ми се фаќаат и по два стана, а чистам и влезови на згради. Излегувам во 6 наутро, а се враќам во 9 навечер. Што да правам, имам три деца, мора да обезбедам пари за храна, школување и сè што им е потребно – вели Сања од Скопје, која работи како хигиеничарка.
Таа додава дека некои сервиси за чистење наплаќаат повеќе, а некои помалку, но многу зависи и од тоа како чистат.

– Некои чистат со нивни средства, но како е исчистено, тоа е прашање. Јас сакам муштеријата на крај да биде задоволен и затоа кога чистам некој стан, гледам да е беспрекорно исчистен како да е мој – вели Сања.
Повеќето од хигиеничарките работат за себе, бидејќи им е подобро кога сами си ги организирам времето и работата, а и заработувачката е поголема од платата што би ја добиле доколку работат во институции и компании.

– Имам редовни муштерии, каде што кој одам со години и, нормално, цената за нив е пониска. Сè зависи од тоа како ќе се договориш. Што се однесува до средствата за чистење, некои сами си купуваат средства, а некои ни даваат пари и ние купуваме. Исто така и за храна и превоз, некои ни плаќаат дополнително, а некои ни купуваат само храна – вели нашата соговорничка.
Таа додава дека само чисти станови, не готви и не пегла облека. Вели дека малку потешко е кога треба да вршиш и други работи во домаќинството и тогаш цената е повисока. Додава дека фиксна цена е подобро, затоа што секој не работи брзо. Некој ќе го среди просторот за три часа, некој за пет, а ефектот е ист, но заработката не е иста.

– Останав без работа, а имам две мали деца, малолетни и така седев со пријателка, пиевме кафе, разговаравме што ќе правам и прелистував огласи. Пронајдов огласи, чистење по час, и реков, ајде ќе ѕвониме. Така почна. И така научивме за клиентите, млади, стари, секој по нешто знае – раскажува друга, која професионално се занимава со чистење станови.
По пандемијата, побарувачката за чистачки е зголемена, но и нивната цена. Освен кај нас, и во соседството цените за чистење станови се многу качени, така што месечните примања на чистачките достигнуваат и до 1.000 евра. Така, на пример, во Србија, пред неколку години, работниот час чинел 400-500 динари, а сега чини 700-800 динари, но некои наплаќаат и повеќе од оваа сума.