Повисоки даноци за луксузните возила

октомври 12, 2023

Висината на данокот за увоз на автомобили ќе расте, но само за оние полуксузните. Со мерката ќе бидат опфатени и возилата коишто испуштаат поголем процент на јаглероден диоксид, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи

Висината на данокот за увоз на автомобили во Северна Македонија ќе расте, но само за оние полуксузните. Со мерката ќе бидат опфатени и возилата коишто испуштаат поголем процент на јаглероден диоксид.

„Не станува збор за зголемување со кое ќе биде опфатена поголема категорија на граѓани“, смирува вицепремиерот Фатмир Битиќи, по информацијата дека и увезувањето на половни возила во земјата може да стане луксуз.

Предлог-одулуката треба да биде разгледана на следната владина седница во вторник.

„Нема зголемување на даноците на возилата ако ја видите последната одлука што во вторник треба да биде на Влада. Зборуваме за даночење на луксузните возила. Ќе има данок и за оние возила кои испуштаат поголем процент на јаглероден диоксид“, дециден е Битиќи.

Консултации
Од Министерството за финансии и од Царината неодамна најавија консултации со увозниците на возила за новиот закон за моторни возила, којшто се подготвува. Со овие законски измени се предвидува цените на данокот за увоз на автомобили речиси двојно да се зголемат. Првичните најави беа дека доколку досега не се плаќаше данок за возило до 10.000 евра, сега тој ќе изнесува еден процент. Се предвидува и двојно да се зголеми давачката и за оние возила што повеќе загадуваат.

Според надлежните, измените на Уредбата се со цел заштита на животната средина и се во согласност со зелената агенда и регулативата на Европската унија.

Увозниците се незадоволни
Увозниците на моторни возила реагираа дека ова може да се одрази и на џебот на граѓаните, но и на нивното работење и врз побарувачката на автомобили која е намалена по неколкуте светски кризи.

Зголемувањето на данокот за дел од возилата е предвидено со измените на Уредбата за начинот на пресметка на данок на моторни возила, кој е изработен во рамки на проектот со Светска банка за унапредување на оданочувањето на моторни возила.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ