strumica denes logo

Побарувачката за станови забавува, дали цените ќе се намалат?

Автор:

Датум:

ноември 8, 2023

Автор:

Датум:

ноември 8, 2023

Над 2000 евра за квадратен метар за нов стан во централното градско подрачје во метрополата. Цените на становите и годинава растеа но со забавено темпо во однос на лани , пишува Порталб.мк. На пазарот со недвижности веќе се регистрира тренд на забавена побарувачка на станови.

Зголемена понуда, забавена побарувачка на станови!

„Контактирајте не. Во централно подрачје на град Скопје се продава стан од 42 квадратни метри за 93 000 евра“ – ова е скоро објавен оглас на градежна компанија за изградба и продажба на нови станови.

Ова значи дека цената на квадратен метар во централниот дел на метрополата се приближи до 2 214 евра. Становите поскапеа во сите градови во земјава.

„Во центар на Тетово стан по цена од 1 049 евра за квадрат“ – се вели во оглас за продажба на стан.

И оваа година цените на недвижностите постојано се зголемуваа, и на годишно и на квартално ниво. Според податоците од Народната банка на крајот на третиот квартал цените на недвижностите (со опфат на територијата на град Скопје) на годишно ниво се зголемиле за 11% додека во однос на вториот квартал растот изнесува 2,9% и е највисок во однос на претходните тримесечја.

Годишна стапка на раст на цени на станови

2023 година 2022 година
Квартал 1 18,8% 12,4%
Квартал 2 13,0% 16,5%
Квартал 3 11,0% 21,3%

Во однос на лани трендот на раст на цените на становите забавува но сепак според податоците, тие и натаму се зголемуваат. Според оценките на менаџерите од градежниот сектор ваквите ценовни тектонски поместувања на пазарот на недвижности се последица на два фактори – побарувачката и ценовното цунами поради војната во Украина.

„Со завршување на ковид здравствената криза имаше зголемена побарувачка за станови. Овој фактор проследен со војната во Украина поради која се соочивме со раст на цените не само на храната туку и на енергенсите, металите, материјалите, предизвика раст на цените на становите. Но сега на пазарот се случува еден вид на стабилизација на цените, не очекуваме дека тие ќе одат надолу“ – коментираат за „Порталб“ од една градежна компанија која во моментов активно работи не само во Македонија туку и надвор од земјава.

Во услови на економска неизвесност и инфлација, високите цени на становите влијаеа дестимулативно врз побарувачката на станови.

„Активноста на пазарот почна да забавува, што се согледува преку забавениот раст на обемот на трансакции со недвижности. Истовремено, од крајот на 2022 година, има забавен раст на цените на становите што се бележи и во првата половина на 2023 година, иако тие и натаму сè на повисоко ниво. Движењата на пазарот на недвижности засега не упатуваат на ризици од поголема и ненадејна корекција на цените, што би можело да влијае врз остварувањето на кредитниот ризик во билансите на банките“ – се наведува во извештајот за Финансиска стабилност на Македонија.

Но зголемената понуда а намалената побарувачка веќе ги донесоа и првите поместувања, намален е бројот на одобренија за високоградба односно на згради. Конкретно во август во споредба со истиот месец лани Заводот за статистика регистрираше пад од 8,7% а речиси е преполовена предвидената вредност на градежните работи.

Август 2023/22
Одобренија за градба Вредност
Високо-градба -8,7% -43,9%
Ниско-градба +18,6% +6,6%
Извор: ДЗС

Во август била предвидена изградба на 943 станови, од нив 527 само во Скопје. Во Полошкиот регион била планирана изградба на 45 станови, во Пелагонискиот 16, во Југоисточниот 75, во Југозападниот 224 станови, во Источниот 29 а во Вардарскиот 24 станови.

Што ќе се случува во следниот период? Според анализите на НБМ повеќе фактори ќе го детерминираат пазарот на недвижности.

„Движењата на пазарот на недвижности засега не упатуваат на постоење опасност од евентуално поостро свртување на циклусот и брза и силна надолна корекција на цените, што може да влијае врз ликвидноста на пазарот и следствено врз ликвидноста на заложените недвижности кај банките. Сепак, потребна е внимателност, особено ако се земе предвид амбиентот којшто сè уште е неизвесен и растот на трошоците за финансирање, што може да ја ограничи пристапноста до банкарски кредити, а преку нив и финансираната побарувачка за станови“ – наведуваат од НБМ со анализа дека изминатиот период имаше раст на каматите за кредитите што може да ја зголеми ранливоста на граѓаните кои веќе отплаќаат станбени кредити. Од НБМ велат дека будно ќе ја следат состојбата на пазарот на недвижности и ризиците поврзани со него.