Изградбата на стариот струмички театар, која започна во 2014 година, ќе продолжи оваа година, а според плановите, објектот треба да биде целосно завршен и ставен во употреба до крајот на 2026 година.
Ова го потврди министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при свеченото прогласување на Гевгелија за град на културата за 2025 година. Тој нагласи дека по преземањето на функцијата, покрај струмичкиот театар, затекнал и други долготрајно одложувани проекти, кои се започнати пред повеќе од една деценија, но во изминатите години напредокот бил минимален.
Министерот истакна дека финансиските средства за изградбата ќе се распределуваат во согласност со темпото на реализација. Во првата фаза за струмичкиот театар се предвидени од 7 до 8 милиони денари, а во зависност од напредокот на градежните работи, со ребалансот на буџетот во летниот период, средствата ќе бидат дополнети.