ОБЈАВЕНА СТИХОЗБИРКАТА „ЛИНИЈАР [БРОЈКИ]“ ОД СТРУМИЧАНЕЦОТ МИТКО ГОГОВ!

ноември 17, 2021

Издавачката куќа „Макавеј” сака да ја извести читателската јавност дека неодамна објави нова стихозбирка со наслов „Линијар [бројки]” од современиот македонски поет Митко Гогов. Изданието претставува уметнички комплекс составен од хаику циклус од триесет хаику песни, на кои им се надоврзуваат триесет авторови минијатури во боја. Освен овие два поетко-визуелни блока, во продолжение стихозбирката ја красат и критички и импресионистички коментари за најновиот поетски и визуелен дострел на Митко Гогов од триесет истакнати современи македонски и меѓународни поети, критичари и уметници.

„Линијар. Бројки” е концептуална книга која ги спојува поезијата, ликовната минијатурна уметност и реакциите на луѓето кои на авторот му значат и изразиле желба да го заокружат циклусот на неговата идеја. Во суштина оваа книга е спој на неколку дисциплини и нејзиното создавање е врамено во временски интервал кој покрива едно полнолуние или заокружување на енѕо. Овие три целини иако можат да функционираат одделно во различни простори, во овој случај, во книгата „Линијар. Бројки” на Митко Гогов се комплементарни, синхронизирани и презентираат нов светоглед каде хаикуто како поетска форма е во синергија со минијатурата како визуелна експресија и со импресумот од плејадата автори кои го надополнуваат спектрумот на оваа креативно патување. Меѓу различните контексти и целата апстракност, ова дело нуди нов пристап во доживувањето на едно книжевно дело, како комплексна форма на мултидисциплинарно изразување.

По повод новото издание, Митко Гогов изјави: „Драго ми е што за прв пат соработувам со издавачката куќа „Макавеј” и што „Линијар. Бројки” е достапна сега за читателите. Оваа книга ми е важна затоа што за прв пат направив комбинација од поезија, ликовна уметност и реакција, така што содржината да биде едно поразлично естетско движење низ зборовите, сликите и самите имагинарни простори. Самиот процес на создавање беше уникатно искуство, се надевам дека и за оние кои ќе ја прочитаат исто така.”

Изданието може да се најде во книжарниците на „Или-Или”, „Полица” и „Антолог” во Скопје, како и на порталот kupikniga.mk.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ