Нема да има партиски и етнички вработувања додека сум јас премиер, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со најавата на првиот вицепремиер Изет Меџити дека ќе има масовни вработувања на Албанци за една година. Според него вработувањата во земјава ќе се засноваат на заслуги, а не на партиска или етничка припадност.
За вработувањето на Албанците, Меџити на партиски настан изјави дека за една година ќе вработат онолку Албанци колку што албанските политички субјекти во претходната влада вработија во два мандати, повикувајќи се на ДУИ. Меџити денеска во објава на Фејсбук најави издавање на 750 решенија за вработување на Албанци во здравството.
За последните изјави на Меџити, реагираа и од СДСМ, од каде што велат дека овие огласи за вработување отвораат сомнеж за постоење списоци изготвени со имиња на партиски кадри.
Со денови траат судирите за вработување. Меџити за време на партиска активност пред неколку дена рече дека се планира вработување на илјадници Албанци. Но, на ова следуваше реакцијата на министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој му порача на Меџити да не се однесува како „Алиса во земјата на чудата“. Како одговор, Меџити му порача на Минчев да не се однесува како копија на Димитар Апасиев.