„Се слушнавме и со господинот Максим Димитриевски. Знаете дека ВМРО-ДПМНЕ е во коалиција со градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски во Куманово. Очекуваме поддршка за нашиот претседателски кандидат од Максим Димитриевски“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при увидот на градежни активности во Општина Аеродром.
Мицкоски продолжи и додаде:
„Ги повикувам сите гласачи на сите кандидати кои не влегоа во вториот круг да го поддржат идниот претседател професорката Гордана Силјановска Давкова затоа што на тој начин Македонија ќе биде повторно ваша, повторно горда, а не понижена ограбена како што е сега. Да одиме напред бидејќи сите одат напред, да не тонеме во политичкото мочуриште кое не влече назад 6 и половина години и да бидеме заробеници на неколкумина кои станаа милионери, а голтари влегоа во политиката“, дециден е Мицкоски.
„Треба да се почитува волјата на граѓаните и граѓаните одлучија. Ако го анализирате изборниот резултат, ќе дојдете до следниот заклучок, дека владините кандидати Стево Пендаровски и Бујар Османи освоија вкупно 300,000 гласа. Ако го гледате резултатот кој го одлучија граѓаните а тоа е резултатот на Гордана Силјановска Давкова идниот претседател и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари тоа е близу 450,000 гласа што значи за еден и пол пати повеќе“, истакна Мицкоски.
Мицкоски истакна дека народот кажал, идна влада ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, а во нејзе ќе биде коалицијата која на овие избори настапи под името „Влен“.
„Одлучија граѓаните, јас жалам што Али Ахмети во јавноста сака да се претстави како идеолог и многу силен, а во позадина ни праќа емисари и би рекол безусловно сака да влезе во идна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и со „Твоја Македонија“ коалицијата, жалам што Али Ахмети се опкружи со луѓе кои и него го злоупотребуваат, за да прават условно кажано криминал и да ја ограбуваат Македонија и жалам што Али Ахмети опкружувајќи се со овие луѓе наместо да заврши како политички пензионер и да биде идеолог тој ќе заврши како соучесник во криминалот на неговите блиски соработници кои набргу од денеска, македонската јавност, сите граѓани во Македонија без разлика на етничката припадност ќе бидат сведоци, а за што имаме голем број докази“, вели Мицкоски и додаде:
Народот кажа, идна коалиција во Македонија ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, а во нејзе ќе биде коалицијата која на овие избори настапи под името „Влен“.
Што се однесува до обвинувањата на сДСМ дека се враќал режимот на Гурвески, Мицкоски истакна:
„Димитар Ковачевски беше тој кој според него во времето на режимот шлапкаше со рацете на тој исти режим и сега кој е тој Димитар Ковачевски кога шлапкаше во првите редови со рацете апладирувајќи му според него на режимот или овој денеска Димитар Ковачевски кој е жестоко поразен од страна на народот на овие избори поради погрешните политики кои ги водеше изминативе според него 2 години откако е премиер, но во поширока смисла коалиција СДСМ и ДУИ 6 и половина години“.
Мицкоски продолжи и додаде дека набргу од денеска Македонија ќе е и дефакто слободна држава каде народот ќе си ја врати државата во свои раце.
„Навистина немам што да кажам. Македонија е слободна, Македонија набргу од денеска ќе биде и дефакто формална слободна, народот ќе си ја врати државата во свои раце. Ќе работиме отчетно, транспарентно, во интересот на граѓаните, немаме друг мотив, инспирација ни е овој резултат, историски резултат“, кажа Мицкоски.
Мицкоски упати порака до граѓаните да не дозволуваат вакви анахрони сили да не влечат во минатото.
„Мојата порака до граѓаните во Македонија е да не дозволиме вакви анахрони сили да не влечат во минатото и да тонеме во политичко мочуриште додека сите одат напред. Излезете гласајте на 8 мај, да не дозволиме политичка криза. Масовно излезете и гласајте за иднината на вашата семејства и иднината на Македонија. Да не дозволиме овие луѓе да не повлечат заедно со нив во политичкото мочуриште што го подготвуваат Ковачевски и Али Ахмети“, дециден е Мицкоски.