МИТКО БОЈАЏИСКИ: ПРИКАЗНА ЗА ИЗГУБЕНОТО ЦАРСТВО!

април 12, 2021

ПРИКАЗНА ЗА ИЗГУБЕНОТО ЦАРСТВО

Синче, едно време имало едно царство. Тоа царство, еден период било во составот на едно големо царство кое се распаднало на помали царства.
Откако останало само, на оваа царство никако не му успевало да му тргне работата. Цели 30 години правеле што правеле и цело време работата одела назад, назад… Прво дошол еден цар, па после друг цар, па трет и секој од нив си поставувал свои луѓе на важни места за кои немале појма. Од година на година криминалот, корупцијата растеле, критериуми речиси и да немало, едноставно се се тркалало од лошо кон полошо.

Веќе никој не верувал во никој и во ништо. Тие што не можеле тоа повеќе да го издржат, се отселиле во други царства. Тие што останале, си молчеле како пуjки под кошула и така минувал ден по ден, месец по месец, со нови и нови скандали…

Еден ден, му поминал мандатот на царот и го наследил нов цар. Тој нов цар не бил како останатите. Веднаш ја ангажирал својата царска свита да направат претрес на актуелната состојба во царството за која и самиот знаел дека е многу лоша. Но излегло дека ситуацијата е далеку, далеку полоша. Трезорот бил празен, немало ни скршен денар и имало многу долгови. Всушност, секој од царската свита што дошол да рапортира кај царот за својот ресор, прикажал катастрофална ситуација.

Царот не можел да заспие три дена, па потоа размислувал седум дена и на осмиот наредил да се донесат дваесетте најмудри луѓе во царството кои дотогаш биле скриени надвор од тековите на царството затоа што никој не сакал такви луѓе како нив, туку на цена биле полтрони, газолижачи, пичколисци, ведноглави и слични персоналитети.
Царот три дена им ја презентирал ситуацијата. Мудрите глави со загрижени лица го слушале царот и за тоа време наполниле едно цело буре со солзи.
Им дал време секој од нив да размисли и да дојде со совет што да се прави. Кога поминало тоа време, тие дошле и си го кажале своето мислење.

Царот внимателно ги ислушал и од тоа што го чул, бил целосно разочаран. Се заклучил во царската одаја и излегол после десет дена. Наредил да ги повикат дваесетте мудреци.
-Поданици мои мудри! – започнал царот. – Денес мораме да бидеме силни и да донесеме решение. Сите вие ми рековте колку е катастрофална ситуацијата во нашето царство и дека не гледате излез. Јас го предлагам следното: Да го дадеме нашето царство на лицитација. Знаеме дека има сериозно заинтересирани фактори за нашето царство. Некои што, можеби, повеќе го сакаат отколку што го сакаме ние.

Ако го сакавме ние, немаше да го доведеме во таква ситуација. Драги мои поданици, мораме да се помириме со тоа дека не не бива за управување со царство. Не бива за играње, за пеење, за крадење и за некои други работи, но за управување со царство не не бива. Зошто лицитација? За да го заштитиме народот. Затоа што царството ќе го докрајчат бандитите кои формално правно ќе бидат заштитени а народот ќе си остане со прстот во устата. А народот не треба да се плаши. Таков, мирен и безгласен народ ќе му треба на секој што ќе не купи. Бог нека ни е на помош! – Мудрите глави се согласија со царот и се разотидоа со скршено срце.

Така и би. Распиша лицитација, најзаинтересираните царства ја откупија територија на царството а царот, парите им ги раздели на сите негови поданици подеднакво.
Царот, ја изгаси последната свеќа во палатата и се отсели од неа.
Новите граници беа исцртани после неколку дена.
-Дедо, како се викало тоа царство?
-Името е одамна заборавено, синче. Но приказната е интересна, нели?

Митко Бојаџиски – драмски писател.

 

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ