Македонија побара и доби нова позајмица од Европската унија поточно од нејзиниот инструмен МФП – Макро финансиска поддршка. Во Собранието е доставен „Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската Унија по Договор за заем за Mакро-финансиска поддршка“, по скратена постапка.
Вкупната вредност на заемот за кој ќе се задолжиме изнесува 100.000.000 евра, ќе се повлекува во две транши, секоја во износ од 50 милиони евра, во период од 2 години. Каматната стапка се уште не е дефинирана.
Во законот се посочува оти со овој заем ќе се помогне за надминување на ситуацијата предизвикана од војната во Украина и енергетската криза, заради кои дојде до зголемување на цените на производите, како во светот, така и во Македонија
– Заемот во износ од 100 милиони евра ќе и биде доделен на Македонија со цел Владата да ги користи средствата за резерви, за интервенција на пазарот на девизи или како директна поддршка за Буџетот. Заемот ќе се отплаќа со средства од Буџетот. Заемот ќе се повлекува во две еднакви транши од по 50 милиони евра. За секоја транша Министерството за финансии треба да поднесе писмено барање за повлекување средства до Европската комисија. По добивање на барањето, ЕК ќе ги обезбедува средствата од пазарот на капитал, односно ЕК во име на ЕУ ќе започне со емисии на обврзници или други трансакции – се појаснува во Законот доставен до пратениците.
Се посочува оти поради ААА рејтингот на ЕУ, се очекува средствата од пазарот на капитал ЕК да ги добие под доста поволни услови и под истите услови да и ги препозајми на нашата држава. За секоја транша ЕК ќе издаде Известување, во кое ќе бидат утврдени конечните финансиски услови за траншата: износот на траншата, датумот на исплата, каматната стапка, датумот на достасување, банкарските провизии, и останатите трошоци за повлекување на средствата.
Договорот за заем го склучува Владата, министерот за финансии го потпишува во името на Владата по претходно донесен закон за задолжување.
– Макро-финансиската поддршка (МФП) е форма на финансиска поддршка на ЕУ, со цел да им се помогне на земјите кориснички во справувањето со сериозни, но генерално краткорочни потешкотии во билансот на плаќање или буџетот. Поддршката е во форма на среднорочни/долгорочни заеми или грантови (или нивна комбинација) и истата e наменета за земји кои се корисници на програма од Меѓународниот монетарен фонд – се појаснува во законското решение.
Во него исто така се посочува оти МФП е наменета за земји кои географски, економски и политички се блиску до ЕУ, вклучувајќи ги земјите кандидати, потенцијалните кандидати за членство во ЕУ, како и земјите кои се граничат со ЕУ, односно сите земји опфатени со Европската соседска политика, а во одредени околности и други трети земји.
– Овој инструмент има за цел да помогне на земјите во враќањето на одржлива надворешна финансиска состојба, истовремено поттикнувајќи ги економските прилагодувања и структурните реформи. Наменет е стриктно како дополнување на финансирање добиено од ММФ. По правило, средствата од МФП се исплаќаат на централните банки на земјите-кориснички и истите Владата може да ги користи како што смета дека е соодветно, било да е за резерви, интервенција на пазарот на девизи или како директна поддршка за буџетот – се појасува во документот доставен во Собранието.
За разлика од другите форми на финансиска поддршка од ЕК како Инструментот за претпристапна поддршка (ИПА), Европскиот инструмент за соседство и партнерство или Европскиот фонд за развој, МФП е мерка за итна помош. Македонија и во 2020 и 2021 година користеше 160 милиони евра МФП од ЕУ за справување со економските последици предизвикани од Ковид-19. Станува збор за средства од пакетот кој ЕК го воспостави во време на корона-кризата.
Условите за повлекување на првата и втората транша се утврдени со Меморандумот за разбирање, и истите се однесуваат на спроведувањето на реформите во следните области: јавни финансии, деловно окружување, образование и пазар на труд, енергетика, правосудство, добро управување и борба против корупција.