Македонија е втора во регионот со компании кои имаат високо ниво на доверба!

август 14, 2023

За поголема економска соработка помеѓу земјите од регионот постојат неколку договори и иницијативи кои имаат за цел да го олеснат протокот на стока во државите од Западен Балкан. Отворен Балкан и ЦЕФТА се најзвучните од тие проекти кои директно влијаат на бизнис поврзаноста на земјите од опкружувањето, но и пошироко. Отворен Балкан засега не ги даде посакуваните резултати, а пак потписниците на ЦЕФТА договорот на неколку пати е прекршуван од дел од државите.

Секретаријатот на ЦЕФТА на доверливите бизниси како што ги претставуваат им доделува статус „овластен економски оператор“. Станува збор за меѓународно признат знак за доверливост и усогласеност со законодавството, кој царинските органи го доделуваат на економски субјекти кои исполнуваат голем број пропишани критериуми. Информациите велат дека 51 компанија ја имаат ОЕО ознаката во Србија, 27 во Северна Македонија, 10 во Косово, 10 во Албанија и 4 во Црна Гора.

„Концептот на Овластен економски оператор е воведен од Светската царинска организација и се заснова на партнерство помеѓу царинските органи и економските оператори. Кога економскиот оператор, кој е вклучен во синџирот на меѓународна трговија, исполнува одредени критериуми, тој добива статус на ОЕО, што истовремено означува и највисоко ниво на доверба“, објаснуваат од Секретаријатот на ЦЕФТА.

Од Секретаријатот на ЦЕФТА додаваат дека примената на критериумите за добивање статус на овластен економски оператор ја прави трговијата побезбедна, побрза и поефикасна, а крајниот резултат е производите и услугите побрзо да стигнуваат до потрошувачите.

„Постојат два вида одобренија, Овластен економски оператор со одобрување за царинско поедноставување кое му овозможува на корисникот на одобрението да користи одредени поедноставувања во согласност со царинските прописи (ОЕОЦ) и Овластен економски оператор со одобрување за безбедност и сигурност кое му овозможува на корисникот на одобрението да користи извесни поедноставувања поврзани со сигурноста и безбедноста (ОЕОС). Двата типа одобренија може да се користат истовремено како едно комбинирано одобрение ОЕОЦ/ОЕОС“, објаснуваат од Стопанската комора на Црна Гора.

Но, неколку пати договорот на ЦЕФТА го има прекршено Косово кое ја спушташе рампата на границите за производи од Србија па и од Македонија. Тоа се коси со основните правила на овој договор за слибодна трговија помеѓу државите.

А Иницијативата Отворен Балкан која има слична цел, подобра соработка помеѓу земјите од регионот во моментов остана само со земјава и со Србија, Албанија иако силно се залагаше за овој проект, сепак од политички причини реши да се дистанцира, привремено или трајно засега не се знае.

А токму транспортниот сектор беше и се уште е најзасегнат од неколку годишната криза, почнувајќи од стартот на пандемијата па се до денес. Трговската мапа на Еврпа драстично се промени со почетокот на војната во Украина.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ