ЛЕГЕНДАТА ЗА ТРИТЕ СТРУМИЧКИ ЈАВОРИ КОЈА СЕ ПРЕНЕСУВА НА ГЕНЕРАЦИИТЕ

Деновиве актуелна низ фејсбук профилите на струмичани стана легендата за трите струмички јавори, која откако беше споделена од млада струмичанка, се распространи низ повеќе фејсбук групи и се надополнуваше со најразлични верзии.

Легендата е сврзана со среќата, љубовта и омразата кои владеат во градот, претставена преку височините на три јавори, посадени во стариот дел од градот. Кое дрво најмногу напредувало, дознајте во продолжение:

ЛЕГЕНДАТА ЗА ТРИТЕ СТРУМИЧКИ ЈАВОРИ
Дозволете да ви раскажам една кратка легенда за трите струмички јавори, која што ја слушнав неодамна и навистина ми звучи интересна, а можеби им е позната и на постарите струмичани, па ќе ја дополнат. Според едното раскажување, кога дошло време за разубавување на стариот дел од градот, луѓето решиле да посадат три јавори и да им дадат соодветни имиња. Првиот јавор го посадиле во дворот на ОУ „Маршал Тито“ – Струмица и го одредиле како „јаворот на омразата“. Вториот јавор е посаден кај Момин бунар и е познат како „јаворот на љубовта“, а третиот се наоѓа во таканареченото Конче маало (близу до Топуска чешма) и го има добиено името „јаворот на среќата“. Трите јавора формираат нешто слично на замислен триаголник и според легендата, ќе растат толку колку што ќе има љубов, среќа и омраза меѓу жителите на градот.
Со оглед на пријатната местоположба и богатството од вода кај Момин бунар, луѓето очекувале дека јаворот на љубовта најмногу ќе напредува во растежот и дека највисоко ќе се издигне. Но, наспроти нивните очекувања, јаворот на омразата низ годините достигнува најзавидна височина и дебелина. Лоциран во дворот на училиштето, овој јавор многупати можев да го набљудувам одблизу. Корењата повеќепати му се исполнувани и покривани со големи количества цимент, така што нема голем достап до вода и хранливи материи. Гранките му се тешки, па честопати служителите од училиштето ги сечеа за да не повредат некое дете, а во еден или два наврати во него има удирано и гром…Но, за некакво чудо, јаворот на омразата се’ уште е таму и ништо не го ништи! Неговите корења одново и одново ја пробиваат и разоруваат земјата и повторно излегуваат на површината. Стои исправено како материјален сведок и немо, упорито сведочи за оддалечувањето меѓу луѓето, кое низ годините станува уште повидливо и поприсутно.
Откако ја слушнав легендата, на минување дрвото ми боди право в очи. Редно време е тој јавор да одмори, доволно мамеше погледи со својата масивност…Освен тоа, мислам дека единствен начин да ја провериме веродостојноста на легендата е да почнеме да шириме љубов, нели?
Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: