Претседателот на СДСМ и доскорешен премиер, Димитар Ковачевски одговара на прашања од „Слободен печат“ за подготовките за парламентарните и претседателските избори, за можноста за коалиција со партии и независни кандидати, како и за очекувањата, како што вели, СДСМ и проевропската коалиција да имаат многу повеќе пратенички места од потребните за формирање влада.
Колку пратенички места планирате да освоите, со оглед дека не стоите баш сјајно во повеќето од анкетите, а вие тврдите дека ќе повторно ќе бидете премиер?
Точно така. Јас ќе бидам повторно премиер и проевропската влада која ќе ја предводам ќе биде онаа влада која ќе обезбеди членство за земјата во ЕУ до 2030 година. За формирање на влада согласно важечките закони во земјата, потребно е мнозинство од 61 мандат, а СДСМ и проевропската коалиција ќе имаат и многу повеќе пратенички места, што ќе обезбеди и продолжување на европскиот пат, но и непречено спроведување на политиките кои ќе значат подобар живот за граѓаните. Погледнете што сè постигнавме изминативе години дури и во услови на активна блокада на Собранието од страна на опозицијата. Јас сум убеден дека во следниот мандат ќе постигнеме и многу повеќе и тоа ќе биде многу побрзо, за да можат граѓаните што поскоро да ги почувствуваат придобивките од евроинтеграцијата и правилните политики кои ги спроведува СДСМ.