Коста Костадинов, градоначалник на општина Струмица:
Струмица повторно пример за цела држава, добар дел од воспитниот и образовниот процес почна.
Благодарам на разбирањето и апелирам на одлучност и државнички однос.
Почитувани вработени во предучилишното, основното и средното образование од општина Струмица,
Децата се нашето најголемо богатство, тие се нашата иднина. Влогот во нивниот развој и нивното образование е најдоброто нешто што можат да го направат и родителите и воспитно – образовниот кадар во градинките и училиштата.
За жал веќе втора недела поради протестот на СОНК којшто продолжува и покрај разумното зголемување на платата за 10 проценти во ова кризно време, на децата им е скратено правото на образование иако законски им е загарантирано.
Но денеска охрабрува информацијата дека дел од наставниот кадар во Струмица ја препознаа политичката манипулација, ја разбраа тежината на ова кризно време и се вратија на работните места и им се посветија на учениците.
Честитки за нив, а ги охрабрувам и останатите уште еднаш да размислат дали сега е време да се бара финансии плус, или да покажеме разумност и солидарност со вработените од останатите области, па и социјалните случаи и невработените, бидејќи никој не е поштеден од здравствената, економската, воената, политичката криза.
Струмица секогаш знаела како да се справи со предизвиците и кога изгледало невозможно нивното решение и да биде пример и за останатите.
Ја имате мојата поддршка, како што имав слух и разбирање за сите ваши проблеми и заедно наоѓавме решенија, ајде уште еднаш да покажеме дека можеме да се издигнеме над личните интереси, дека не подлегнуваме на притисоци и дека децата и нивното згрижувањеи образование ни се најважни, бидејќи колку сега ќе им дадеме толку ќе ни вратат утре.