Perdormire
Струмица

КОСТА ЈАНЕВСКИ: ДА СЕ ПОЧИТУВА ЛИЧНОСТА И УГЛЕДОТ НА СЕКОЈ ПОЕДИНЕЦ НЕЗАВИСНО ДАЛИ Е ИНФИЦИРАН, ТЕСТИРАН, ВО ЗАМОИЗОЛАЦИЈА ИЛИ ХОТЕЛСКИ КАРАНТИН!

Почитувани сограѓани,

Денес, кога на територијата на Струмичкиот регион е дијагностициран првиот инфициран пациент со корoна вирусот, чувствувам потреба како Градоначалник на општина Струмица, но пред се како лекар, да Ве повикам на смирено и разумно однесување.

Во овие вонредни околности и во услови на светска пандемија мораме да ја прифатиме реалноста дека вирусот побрзо или побавно ќе дојде и на територијата на општина Струмица. Но, оваа реалност, наместо паника и ширење дезинформации, од сите нас бара да покажеме висок степен на сериозно и одговорно однесување, целосно почитување на мерките и препораките на институциите и грижа за сопственото здравје и здравјето на вашите најблиски.

Апелирам да се почитува личноста и угледот на секој поединец независно дали е инфициран, тестиран, во самоизолација или во хотелски карантин.

Идентитетот на инфицираното лице воопшто не е важен. Отфрлањето од заедницата на лицата кои се тестирале е неетичко. Наместо тоа, да покажеме солидарност и искрени желби за брзо опоравување на сите инфицирани со корона вирусот.

Почитувани сограѓани,

Во овие вонредни околности потребно е да бидеме внимателни и да го извлечеме најдоброто од нас. Ве повикувам да ги почитуваме препораките на институциите, да дадеме целосна поддршка на здравствените работници, лекари, медицински сестри, болничари, но и на сите други вработени во комуналните служби кои во овие вонредни околности даваат надчовечки напори за спречување на ширењето на вирусот.